Хајрулахи: Протекуваат доверливи документи од Вишото јавно обвинителство
Видеоснимка на која се гледа како се изнесуваат доверливи материјали од Обвинителството, свиркач ги доставил до шефот на Вишото скопско обвинителство. Хајрулахи за МТВ тврди дека објавувањето на овие документи има за цел да се изврши притисок, пред да се донесе одлуката за предметот со бонусите на СЈО...

Висок јавен обвинител, преку член на семејството споделувал доверливи информации за работата на обвинителствата. Целта била преку нивно јавно објавување да се изврши притисок, обвинителот што го води предметот за случајот со бонусите исплаќани во СЈО, да донесе одлука со која на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ се даде својство на оштетен. Ова за МТВ го изјави шефот на обвинителството, Хајрулахи, кој вели дека за овие тврдења поседува и видеоснимка, доставена од свиркач, која е подготвен да ја сподели со медиумите.
Хајрулахи тврди дека нема да потклекне на овие, како што вели, невидени притисоци и дека одлуката за случајот, која патем сè уште не е донесена, ќе биде професионална и во согласност со законот.
За овие случувања е известен и Советот на јавните обвинители кој треба да ги разгледа белешките и да утврди што се случило.
Претходно, премиерот Мицкоски случувањата ги означи како шокантни и го повика Коцевски да објасни што се случило, додека министерот за правда, Филков, рече дека ќе ја чека одлуката на Советот, а потоа ќе коментира.
Анита Димитријевска – Велковска
