Кривична за поранешната министерка за култура Костадиновска–Стојчевска
Кривична пријава за злоупотреба на службената положба за Бисера Костадиновска-Стојчевска. Откако Министерството за култура ја преземало реконструкцијата на Универзална сала, не склучило нов тендер, го продолжиле договорот со изведувачот, иако веќе бил истечен. Екс-министерката вели – ќе се видиме на суд…

Поранешната министерка за култура Костадиновска – Стојчевска заработи кривична пријава од МВР за злоупотреба на службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност за реконструкција, доградба и надградба на постојниот објект Универзална сала во Скопје, информираат од МВР.
„По склучен Договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу Град Скопје како сопственик и Министерството за култура како нов инвеститор, и покрај тоа што министерството било задолжено да ги спроведе неопходните постапки за доделување на сите потребни договори за целосно и комплетно завршување на реконструкцијата на објектот, иако согласно одредбите на Законот за јавни набавки била должна да спроведе нова постапка за јавна набавка за избор на најповолен изведувач на работите за довршување на реконструкцијата на објектот“,вели
Во пријавата стои дека во февруари годинава, откако министерството ја преземало реконструкцијата на скопската Универзална сала, не склучило нов тендер и наместо да избере нов, најповолен понудувач, го продолжиле договорот со фирмата која претходно работела на реконструкцијата, иако договорот веќе бил истечен. Со ова на фирмата од Скопје и било овозможено незаконски да заработи 445 илјади евра.
По поднесената пријава реагираше Костадиновска-Стојчевска. Вели, ќе причека Основното јавно обвинителство да си ја заврши работата. Да бидат прибавени сите документи, нека утврдат што се случувало, па ќе се видиме на суд – вели поранешна министерка за култура
Марина Стојанова – Тонева
