Фемицид – убиство базирано на родова нееднаквост
Фемицидот како најекстремна форма на насилство врз жената е глобален проблем со кој се соочуваме и ние. Македонија е потписничка на Истанбулската конвенција, и прва во регионот каде фемицидот со измените во Кривичниот законик е нотиран како едно од квалифицираните форми на убиства …

Секогаш кога жената е жртва, а убиецот маж – да се суди за фемицид. Квалификувањето на делото како фемицид е значајно и заради повисоките казни од 10 години до доживотен затвор, но и во превенирање на овие злосторства – стои во правосудниот прирачник за постапување во случаи на фемицид. На ова со години укажуваат и надлежните од Шелтер центарот за жени во Струмица.
Први во законски решенија, но не и во нивна примена и со низа институционални слабости за превенирање на фемицидите. Националната мрежа против насилство врз жени во последниот преглед нотира низа институционални проблеми.
„Владата не го приоретизира проблемот на насилството врз жените и нема активни напори за исполнување на меѓународните обврски за заштита на жртвите. Специјализираните услуги за жени жртви на насилство во рамки на државните институции не работат согласно стандардите на Истанбулската конвенција. Во државата нема функционални специјализирани услуги за сексуално насилство и силување.Психолошкото насилство сè уште не е кривично дело во Северна Македонија“, нотира Националната мрежа против насилство врз жени.
Во минатите пет години во Македонија над 20 жени се убиени, во најголем дел од страна на нивните партнери или член на семејството. Последното убиство се случи во Штип, убиена е 29 годишна жена, нејзиниот партнер се пријави во полиција како нејзин убиец.
Славица Величковска
