Конференција

Половина од буџетот на ФЗО се одлева за болничко лекување, потребни се превентивни програми

07.11.2024 16:27

7,3 проценти од бруто-домашниот производ потрошила Македонија за здравствена заштита во 2020 година. Ова е просек од европските земји. Голем дел од пациентите се лекуваат приватно. Треба повеќе да се работи на превентивните програми за да се спречат заболувања за кои се трошат пари за лекување...

Пациентите во земјава сè почесто се лекуваат во приватните здравствени установи-покажуваат податоците на меѓународните здравствени организации. Ова е сериозен проблем за граѓаните кои имаат ниски приходи бидејќи пристапот до здравствени услуги за нив е ограничен.

„Околу 40 проценти од вкупниот приход за здравствена грижа се плаќа приватно од самите пациенти. Уделот на домаќинствата кои се соочуваат со прекумерни или катастрофални плаќања за здравствени услуги е релативно висок“, вели проф. Д-р Вим Грот – факултет за здравствена економија, Мастрихт универзитет, Холандија.

Во фокусот на здравствените власти да бидат превентивните програми, бидејќи половина од буџетот на Фондот се одлева за болничко лекување. Кардиоваскуларните, ХОББ, астма и дијабетес се водечки болести во земјава.

„Заради таквата состојба имаме огромна смртност во првите 90 дена од започнување на дијализа, мислам дека е над 20 проценти, а тоа е така затоа што пациентите доаѓаат во фаза кога болеста е крајно напредната“, изјави Сашо Клековски – директор на ФЗОМ.

Меѓународните организации укажуваат дека намалувањето на буџетите за превентивни програми, на долг рок нема да се покаже како стратешко решение. Како пример ја посочија програмата за заштита на населението од ХИВ.

„Тоа не е проблем што исчезнал, тој е сè уште тука во земјата во регионот во светот, не треба овој проблем да стане епидемија туку треба да работиме на превенција. Да имаме ограничен буџет меѓутоа ајде да се осигураме дека на долг рок нема да донесат повеќе проблеми кои ќе доведат до повеќе трошење“, изјави Рита Колумбиа – постојан координатор на Обединети нации.

Од вкупниот национален приход во 2020-та година, Македонија потрошила 7,3 проценти за здравствена заштита, што е далеку од европскиот просек.

На конференцијата посветена за здравствената заштита учествуваа владини претставници, лидери на фармацевтската индустрија, меѓународни организации. Адресираа клучни прашања и чекори за унапредување на здравствената заштита во земјава.

Андријана Ѓурчески