Поделени повеќе од 80 отсто од ваучерите за клима-уреди
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека успешно е реализиран процесот на доделување на ваучери за купување инвертер клими, со цел зголемување на енергетската ефикасност на домаќинствата низ целата држава...

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека успешно е реализиран процесот на доделување на ваучери за купување инвертер клими, со цел зголемување на енергетската ефикасност на домаќинствата низ целата држава.
Во соопштението од министерството се вели дека до вчера до 15:00 часот, беа доделени над 80% од предвидените 6.182 ваучери.
Од таму велат дека благодарение на внимателното планирање и целосната ангажираност на тимот на Министерството, процесот се одвивал непречено и ефикасно, со што на граѓаните им се овозможило брзо и лесно подигнување на ваучерите.
Во рамки на процесот на доделување, вчера до 16:00 часот, само во Скопје беа доделени над 1.400 ваучери или над 75% од вкупниот број. Иако на почетокот на денот беше забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвиваше непречено и во поголемиот дел од денот немаше долги редици пред СЦ Борис Трајковски.
Во согласност со предвидената динамика, потенцираат од министерството дека доделувањето успешно се спроведува и на другите 30 локации низ Македонија, каде што граѓаните можеле лесно да ги подигнат своите ваучери за купување и инсталирање на инвертер клима уреди.
