ЦУК: Десет пожари на отворено, еден сѐ уште активен
Пожарот што е сѐ уште активен е во општина Крушево. Избувнал на 3 ноември, горела букова шума на место викано „Белушки ледини“ над селото Белушино. На 6 ноември, пожарот повторно се активирал.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информира за регистрирани 10 пожари на отворен простор изминатото деноноќие. Од нив, девет биле изгаснати, а еден сѐ уште се води како активен.
Пожарот што е сѐ уште активен е во општина Крушево. Избувнал на 3 ноември, горела букова шума на место викано „Белушки ледини“ над селото Белушино. На 6 ноември, пожарот повторно се активирал.
Вчера на гаснење се упатиле тројца пожарникари од ТППЕ – Крушево со едно теренско возило и шестмина вработени во ЈП „Национални шуми“ – подружница „Липа“ од Крушево со едно теренско возило.
Заради непристапноста на теренот, гаснењето било отежнато, бидејќи се одело пешки. Пожарот е локализиран и ставен под контрола. Зафатена површина од околу 25 хектари.
Заради затемнување, екипата се повлече од терен по 15 часот, по потреба ќе се интервенира во текот на денешниот ден, се појаснува во соопштението.
Инаку, РЦУК – Штип известува дека сѐ уште трае блокадата на регионалниот патен правец Кочани – Пониква кај селото Бели од граѓани на Кочани, кои протестираат за решавање на проблемот со депонијата што почна во пет часот на 28 октомври.
Се пропуштаат само возилата што превезуваат смет само од општина Кочани. На лице место се присутни екипи од МВР, ПС – Кочани. Сообраќајот се одвива по една коловозна лента. Нема најава до кога ќе трае блокадата, се додава во соопштението на ЦУК.
