Висок степен на тревога во Украина
Нов ден, нова воздушна тревога во Украина. Од жителите беше побарано да се евакуираат поради опасност од руски бомбардери. Ноќта мина тешко за неколку региони, има жртви и повредени. Со изборот на новиот претседател на САД се актуелизира прашањето, што ќе се случи со Украина откако Трамп ќе го преземе мандатот. Кремљ негира дека новоизбраниот претседателот, Трамп телефонски разговарал со рускиот претседател Путин...

Уште едно утро во Украина со висок степен на тревога. Во очекување на руски масовен напад. Ескадрила бомбардери полетаа првпат по повеќе од два месеца, но ниту еден проектил засега не е лансиран. За жителите на Запорожје и Миколаев ноќта беше особено тешка, регистрирани се жртви и повредени во нападите.
„Нашата продавница е оштетена. Уништена е целата фасада. Сите врати се оштетени, не остана ниту еден прозорец“, рече жителка на Миколаев.
„Немам зборови да го опишам ова. Гледате, станот го нема“, вели жителка на Миколаев.
„Прозорите, вратите и ролетните се уништени. Тоа беше бран од експлозија. Ниту еден прозорец не преживеа“, рече жителка на Миколаев.
Русите напредуваат кон Курск додека Москва ги напаѓа украинските градови, тврди украинското воено раководство. Западните медиуми информираат-таму 11 илјади Севернокорејци се борат со украинските баталјони. Прашањето за употребата на западното оружје длабоко на руска територија одново се актуелизира, а партнерите на САД се надеваат дека Бајден на крајот од мандатот конечно ќе одобри ракети со долг дострел.
Претседателот Зеленски упорно бара силата и дипломатијата мора да одат заедно со цел да се стави крај на војната во Украина и да се осигура-конфликт да не се повтори во иднина.
„Дроновите на фронтот, како и нашите беспилотни летала со долг дострел во длабоките руски воени цели стануваат се попристапни за нашите војници. Од витално значење се и напорите на сите оние кои ја уништуваат руската опрема на фронтот. Оваа недела имаме и важни одлуки од нашите партнери Франција, Канада. Работиме со нашите партнери во САД за нови одбранбени пакети кои го поддржуваат нашиот систем за воздушна одбрана“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Кремљ ги демантира наводите на „Вашингтон пост“ дека новоизбраниот претседател на САД, Трамп телефонски разговарал со рускиот претседател Путин и побарал да не ескалира конфликтот со Украина.
„Ова е најилустративниот пример за квалитетот на информациите што понекогаш се објавуваат дури и во прилично почитувани медиуми. Ова е целосно неточно, тоа е чиста фикција, тоа е едноставно дезинформација“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Од Вашингтон велат дека е важно финансирањето на Киев во тековната војна со Русија да продолжи, а САД не треба да се оддалечуваат од Украина. Претседателот Бајден и новиот шеф на Белата Куќа, Трамп предвидено е да се сретнат в среда. Европската Унија, со исклучоци, и натаму ќе продолжи со поддршката на Киев.
Маријана Димовска
