Имаме одлични научници, треба повеќе да се вложува во научно-истражувачката работа
За подобрување на рангирањето на македонските универзитети потребно е поголемо вложување во научно-истражувачката работа на научниците и нивно објавување во престижните научни публикации. На Светскиот ден на науката за мир и развој објавено е дека имаме научници чии над 100 трудови се објавуваат на најдобро рангираните универзитети како Стендфорд, кои за разлика од македонските имаат најмалку 25 пати поголеми финансии за истражување…

Ниту еден македонски универзитет не се наоѓа на Шангајската листа на најпрестижни универзитети, за подобрување на рангирањето потребно е зголемување на истражувачката работа и објавување научни трудови во странство, вели универзитетската фела.
„Во услови на непостоење на системски пристап и поддршка на науката во државата, УКИМ постојано се залага за подобрување на истражувачката структура и на научно-истражувачките перформанси преку силна интернационална ориентација, односно искористување на европските фондови за наука“, изјави Биљана Ангелова-ректорка на УКИМ.
Имаме научници чии научни истражувања се меѓу најцитирани научни трудови објавени на странски универзитети, но македонските кубурат со финансии за истражување.
„За да се објави труд, истражувачите од Србија имале 43 проценти повеќе средства отколку што ги имаме ние. Во Бугарија тоа било 84 проценти. Хрватска 93 проценти. Во Словенија три и пол пати повеќе отколку што ние имаме да објавиме еден труд, во Шведска тоа е 10 пати, Кина исто така 10 пати повеќе, и да завршиме со тие што се на врвот, Израел, Јапонија и САД, со 23, 25 и 26 пати повеќе средства што ги вложуваат за да објават еден труд“, вели Димитар Трајанов, професор на Технолошко-металуршки факултет Скопје.
„Во време кога не можеме да сметаме на многу средства од државата, можеби треба да ги поттикнеме и наградиме научниците коишто во својата работа аплицираат и добиваат голем број проекти. Исто така можеби треба да размислиме за голема интернационализација на луѓе. Тоа подразбира отворање на вратите не само за студенти коишто доаѓаат надвор од нашата земја, туку сериозно размислување како да се обезбеди поголема мобилност на професорскиот кадар“, изјави Владимир Трајковиќ-професор на ФИНКИ.
На Светскиот ден за наука за мир и развој беа наградени повеќе научници, уметници за врвни постигнувања во измината година.
Ирина Гелевска
