аерозагадување

Куманово загадено, но ослободувањето го прослави со огномет

11.11.2024 17:45

Куманово е еден од градовите со големо аерозагадување. Непријатен чад и миризба во вечерните часови, но и покачените параметри на мерните станици го потврдуваат загадувањето. Сепак и покрај тоа, градот синоќа со огномет го прослави ослободувањето. Екологистите со забелешки недостигаат едукативни кампањи. Неопходен е и правилник за користење огревно дрво.

Непријатна миризба и чад, но и покачените параметри на мерните станици го потврдуваат аерозагадувањето. Кумановската болница бележи наплив на пациенти со отежнато дишење. Сепак, Куманово со неколкуминутен огномет го прослави ослободувањето на градот. Последниот мониторинг покажа дека најмногу загадуваат домаќинствата и сообраќајот.

„Има разлика потешко се дише“, вели еден кумановец.

„Јас мислам автомобилите, огревно дрво отсекогаш беше“, посочи кумановец.

„Гуми палат, пластика, се согорува сè и затоа е загадено“, дополни друг.

„Возилата се број еден сите возила се од страна увезени, стари, дотраени“, заврши трет.

Активистите за животна средина со забелешки, општината да биде пример за граѓаните. Да се работи на едукација, да има кампањи, но и да се донесе правилник за користење огревно дрво. Инспекторите да можат да проверуваат што се согорува, пошумувањето да биде помасовно, да се зголемат субвенциите за клима уреди.

„Додека тие инсталации кои сè уште се греат институциите на мазут, не се префрлат, имате училишта кои сè уште се само на дрва, мазут, нафта. Целокупно не само Куманово. Куманово урбанистички од минатото досега толку е видоизменето, Скопје е природна котлина, ние си направивме вештачка котлина со што дигнавме згради“, вели активистката за животна средина, Олгица Вељковиќ.

Од Инспекторатот за животна средина при општина Куманово, укажуваат дека државата мора да се насочи кон организиран систем за управување со отпад.

За надминување на проблемот со аерозагадувањето градот усвои и план со краткорочни и долгорочни мерки во кој дел е и гасификацијата. Но, истата се одвива со споро темпо и за истата, според статистиката би требало дури 300 години. Тука е и аеросолизацијата, општината набави и трактор атомизер, но тој сè уште не е забележан низ кумановските улици.

 

Елена Георгиевска