Здравство

Пропусти при лекувањето на 5-годишното дете кое почина минатата недела

11.11.2024 15:09

ДСЗИ констатираше низа пропусти на Детската клиника при проверката за третманот и лекувањето на петгодишното дете, до министерот ќе иницира постапка за стручен надзор над лекувањето на детето...

Државниот санитарен и здравствен инспекторат констатираше низа пропусти на Детската клиника при проверката за третманот и лекувањето на петгодишното дете, коешто почина минатата недела. ДСЗИ до министерот ќе иницира постапка за стручен надзор над лекувањето на детето. На потврдата за смрт наведена е дијагноза менингоенцефалитис, но истиот не е лабораториски потврден. Обдукција не е извршена на барање на родителите, стои во извештајот на ДСЗИ.

„Во однос на надлежностите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, при надзорот констатирани се недостатоци во однос на водењето на медицинската документација, односно во упатите не е наведена работната дијагноза за пациентот, не се пишувани декурзуси од сите доктори, во историјата за пациентот недостигаат планови за лекување, за што од страна на ДСЗИ ќе биде издадено решение со наредба за водење евиденција согласно закон“, стои во извештајот на ДСЗИ.

Детето на клиниката првпат било донесено на 3-ти октомври, поради главоболка и покачена температура, по прегледот дадена му е терапија и е испратено дома. По три дена е хоспитализирано. На Клиниката е водено од повеќе различни доктори, му биле правени дополнителни лабораториски испитувања и давана терапија. На 14-ти октомври му се влошува состојбата и е префрлено на одделот за интензивна нега неколку пати било реанимирано, но на петти овој месец починало. Министерот Таравари со став дека ќе постапи по извештајот.

Демократската унија за интеграција бара министерот за здравство Таравари да си поднесе оставка и да преземе одговорност за неколкуте трагични настани што се случија изминатиот период. Велат, необјаснивите загуби на детски животи се јасен аларм за сериозната состојба.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски