Украина

Жестоки руски напади во областа Курск

12.11.2024 11:43

Со 50 илјади руски и севернокорејски војници Москва ја предводи контраофанзивата во Курск. По Кремљ и Пјонгјанг го ратификуваше договор за меѓусебна одбрана меѓу Русија и Северна Кореја. ЕУ предупредува за глобализација на војната. Зеленски бара оружје со долг дострел. Жестоки напади со беспилотни летала и на руска и на украинска страна. Има цивилни жртви меѓу кои и деца...

Русија во регионот на Курск мобилизира околу 50.000 војници, меѓу нив е и контингент од Северна Кореја. Руски медиуми тврдат дека претседателот Путин дал јасни насоки, Курск да биде под целосна контрола на Москва до крајот на годинава. Продолжуваат нападите и со беспилотни летала, двете страни нотираат цивилни жртви.

„Стражаревме цела ноќ, јас, мојата сопруга, пријателите“, изјави жител на Кривји Рих.

„Сите три деца загинаа. По нив трагаа 13 часа. Во такви ситуации е невозможно да се држите настрана, невозможно е. Срцето ми се кине, имам и четири внуци и јас сум многу загрижен за нив“, изјави жителка на Кривји Рих.

Претседателот Зеленски одново бара од партнерите оружје со долг дострел.

„Нашите момци задржуваат прилично голема група руски војници – 50.000 окупаторски армиски персонал. Руските сили ја намалија количината на артилерија што ја користат, а тоа е забележливо на фронтот, затоа ни требаат решенија со долг дострел од нашите партнери – од Америка, Британија и Германија. Колку подалеку можат да погодат нашите ракети и беспилотни летала, толку помалку Русија ќе има вистинска борбена моќ“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

По Кремљ и Пјонгјанг го ратификуваше договор за меѓусебна одбрана меѓу Русија и Северна Кореја. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност предупреди за глобализација на војната.

„Без големото количество муниција што Северна Кореја и ја дава на Русија, Москва не би можела да продолжи да води војна. Северна Кореја и Иран се големите поддржувачи на Русија. Затоа, многу е загрижувачки што не само што обезбедува оружје, но и испраќаат војници што значи директно учество во војната. Досега колку што знаеме има 10.000 војници. Прашањето е дали ќе има повеќе во иднина?“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Се погласни се тврдењата дека војната мора да заврши. Западните земји, како што тврди СИ – ЕН – ЕН, почнале многу помалку да зборуваат за победа на Киев на бојното поле, а многу повеќе за преговори. Актуелната администрација во Вашингтон вели дека САД не треба да се оддалечат од Украина откако Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата претседател во јануари.

 

Маријана Димовска