Зголемено ниво на безбедност во Париз пред натпреварот Франција-Израел
Ефектите од актуелната кризна состојба на Блискиот исток се прелеа и во некои од европските земји. Последица е новиот бран антисемитизам и од друга страна, пропалестинската реакција на израелската офанзива во Газа, Западниот брег или во Сирија и Либан. Спортските натпревари се метата на можните конфликти. По насилствата на натпреварот Ајакс-Макаби во Холандија, полициски ангажман и во Франција пред натпреварот со Израел на 14-ти ноември...

Над четири илјади полицајци и жандармерија во полна подготвеност во пресрет на натпреварот Франција-Израел на олимпискиот Стад де Франс. Поради насилствата во Холандија, по мечот Ајакс-Макаби стравувањата се оправдани и во Париз. Натпреварот е од висок ризик, околните продавници ќе бидат затворени.
„Имаме електромагнетски врати кои автоматски цел ден ќе бидат затворени поради безбедноста на луѓето. Ќе има и предупредувања да не се излегува премногу на улица“, изјави жител на Сен Дени-Париз одговорен за безбедноста.
„Ќе има четири илјади полицајци, не очекуваме некакви проблеми“, вели сопственик на продавница.
„Бев на Олимписките игри, беше прекрасно, таму беа сите тимови, меѓу нив и израелскиот, од целиот свет. Тогаш помина сè најдобро“, вели жител на Париз.
Во Амстердам синоќа продолжија насилните протести во знак на поддршка на палестинците во Газа. Според полициските снимки, насилниците извикувале „Слободна Палестина“. Трамвај беше запален, за среќа во возилото немало патници. Уапсени се тројца демонстранти. Нема оправдување за антисемитизмот, изјави холандскиот премиер.
„Во земјава, се зголемува бројот на луѓето кои не можат да разберат што се случува во Газа. И за нив треба да има разбирање, да се разговара. Но, не можете да го направите помал отколку што е. Нема оправдување или извинување за насилство врз Евреите“, изјави Дик Скуф-премиер на Холандија.
Пропалестинските протести се забранети во Холандија во наредните денови. Во последната година, по војната во Газа, во Европа се зголеми бројот на инцидентите поврзани со антисемитизмот.
Зоран Богатинов
