Превирања во обвинителските редови
Суспендираниот виш скопски обвинител Хајрулахи поднесе жалба до Советот на јавни обвинители. Тврди дека неговото оддалечување од работното место и истрагата што се води е уште еден притисок на државниот обвинител Коцевски да се донесе одлука со која ќе се потврди првостепеното решение за случајот со бонусите на СЈО...

Советот на јавните обвинители треба да донесе конечна одлука за суспензијата на Хајрулахи. Дотогаш обвинителот кој повеќе од месец се жали на притисоци нема да оди на работа. Вели дека суспензијата е конструкција со цел да се замолчи и да се влијае врз одлуката за случајот со бонусите на СЈО.
Од Републичкото обвинителство за МТВ велат дека Коцевски не вршел притисок, а против Хајрулахи се води истрага за сериозни кривични дела.
„Одлуката за негово оддалечување е донесена, бидејќи доколку тој продолжи да ја извршува функцијата, тоа штетно ќе се одрази на раководењето и постапувањето по предметите на Вишото јавно обвинителство Скопје“ – велат од Обвинителството.
Дека од Обвинителството се изнесувале документи, Хајрулахи вели дека има доказ – видеоснимка која му ја доставил свиркач.
Од кабинетот на Коцевски категорични – документи не се изнесувале, но се собираат докази за идентитетот и мотивите на лицето кое снимало.
„Особено е загрижувачки што предмет на следење и снимање била и ќерката на државниот јавен обвинител, што претставува посебна форма на притисок врз работата на обвинителот“, велат од Обвинителството.
Препукувањата на релација Хајрулахи – Коцевски траат повеќе од еден месец.
Анита Димитријевска – Велковска
