Училишта во Куманово сè уште се затоплуваат на дрво
Куманово е еден од градови со највисоко аерозагадување. Дури девет училишта во руралните средини се затоплуваат на огревно дрво, кое по испитувањата важи за нееколошко гориво и сериозен загадувач. Надлежните се обидуваа поголем број образовни установи да ги префрлат на природен гас или на клима уреди…

Подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во село Студена бара, е едно од неколкуте образовни установи од кумановско кои сè уште се затоплуваат на огревно дрво.
Двете училници во кои се образуваат седумте дечиња до петто одделение, се топли. За затоплувањето се грижи вработен. Но, жителите се свесни дека овој енергенс е еден од поголемите загадувачи.
„Покомплицирано но и загадува воздух, иако овде е село не се загадува толку како во град, но се загадува повторно“-вели еден жител.
Од училиштето кое има дури пет објекти, информираат дека се посветени на енергенсите. Речиси сите се корисници на гас. Училиштето во Пчиња огревното дрво од оваа учебна година го замени со клима уреди. Остана само објектот во Студена бара.
„Се надевам дека од почетокот на второ полугодие ќе стигнеме и таму да купиме клими каде што и овие ученици ќе имаат можност да се греат на еколошко греење со електрична енергија“-истакна директорката на училиштето, Јасмина Спасовска.
Токму ова училиште, но централниот објект е дел од проект за чист воздух. Се мереше амбиенталниот воздух во училниците.
„Откако ќе почне грејната сезона, започнуваат оние алергии, заболувања на горни и долни дишни патишта, училиштето е старо 70 години, градени се училниците без стандарди“-дополни директорката.
Со европски пари ќе се постави енергетско ефикасна фасада но и фотоволтаични панели. Но, освен „Браќа Миладиновци“ уште осум основни училишта во руралните подрачја, и нижото музичко во центарот на Куманово, сè уште се греат на огревно дрво. Од секторот за образование информираат дека во идниот период и овие установи би требало да се префрлат на друг енергенс.
Елена Георгиевска
