Локална самоуправа

Ѓорѓиевски ги седна на иста маса Трипуновски и Костадинов

13.11.2024 17:13

Падна егото, се подаде рака. Струмица, ЗЕЛС и Министерството за земјоделство на иста маса, Костадиновски, Трипуновски и Ѓорѓиевски испратија фотографии оти ги надминале несогласностите и оти продолжуваат да работат заедно за да ги решат проблемите на граѓаните, но проблемот со Турија е посериозен, откако се исчисти водата од манган, сега останува само да се најде решение за ниското ниво на браната кое го снабдува струмичко поле...

Да се формира комисија од повеќе научни институции за следење на состојбата на браната „Турија“ и причините за појавувањето на манган во водата, бара претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. По заедничкиот состанок, Ѓорѓиевски рече дека долгот што го има Струмица кон АД „Водостопанство“ ќе биде сервисиран согласно со утврдена динамика и претпријатието ќе продолжи да работи.

Ѓорѓиевски на иста маса ги седна министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски и градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов со цел да се надминат проблемите.

Средбата доаѓа откако струмичани речиси еден месец беа без чиста вода поради зголемено присуство на манган, штетен за човечкиот организам.

Водата во Струмица е здрава и безбедна за пиење, потврди и Агенцијата за храна и ветеринарство која испрати решение дека се е во ред. Но сега истиот проблем, со високи концентрации на манган, има Берово. Сега загадена вода има во Берово, па граѓаните ќе бидат снабдувани со вода од цистерни.

АХВ синоќа издаде соопштение дека периодов таму, водата може да се користи исклучиво како техничка.

„Граѓаните од Берово не смеат да ја пијат оваа вода поради високо ниво на манган во составот. Во согласност со правилникот за вода за пиење, истата не смее да се употребува и за готвење. Може да се користи само како техничка вода“, соопштија од АХВ.

Надлежните велат дека примероците од водата ќе бидат испратени до неколку лаборатории во државата и во зависност од резултатот, граѓаните ќе бидат известени за состојбата со користење на водата за пиење.

 

Борис Грујоски