Руско - украински конфликт

Бајден одобри користење оружје со долг дострел на руска територија, Москва засега без реакција

18.11.2024 10:04

Американскиот претседател Бајден ѝ одобри на Украина употреба на американски ракети со долг дострел, за напади на руска територија. Според проценките, Киев најверојатно првично ќе се фокусира на Курск. Москва засега без реакција на одлуката на Бајден…

Руско-украинскиот конфликт влегува во нова фаза по информациите дека Вашингтон и одобрил на Украина употреба на ракети со долг дострел за напади длабоко на руска територија. Со ова, Киев може да користи ракети со дострел од околу 300 километри. Се верува дека ќе бидат употребени за удари врз руските и севернокорејските војници кои се борат против украинските сили во регионот Курск во западна Русија. Зеленски претпазлив, вели дека извештаите за промената на политиката на Бајден не биле отворено потврдени од Белата куќа, но рече дека ракетите ќе зборуваат сами за себе.

„Планот за зајакнување на Украина е план за победа што им го претставив на нашите партнери. Една од главните точки е долготрајна за нашата армија. Денес, многу се зборува во медиумите за тоа дека добивме дозвола за соодветните акции. Но, удари не се прават со зборови“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Аналитичарите велат дека одлуката на американскиот претседател Џо Бајден, да ја овласти Украина да користи американски ракети со долг дострел против цели во Русија е смела промена на позицијата во последните месеци, пред да му ја предаде власта на републиканецот Доналд Трамп.

„Мислам дека ова сигурно ќе им помогне на Украинците, но мислам дека нема да биде одлучувачко за насоката на војната. Секако, администрацијата сака да ја притисне целата помош што е моментално одобрена од страна на Конгресот, пред 20-ти јануари“, изјави Стивен Бидл, професор по меѓународни и јавни односи на универзитетот „Колумбија“.

Портпаролката на руското МНР, Захарова, не сакаше да ги коментира медиумските написи дека Бајден ѝ дал ваква дозвола на Украина, но, потсети на септемвриската изјава на Путин дека тоа ќе значи директно учество на НАТО во конфликтот. Францускиот претседател, Макрон, вели дека Путин не сака мир и не е подготвен да преговара.

„Верувам дека должност на сите нас е навистина да ја притиснеме Русија да престане да се бори и да преговара за мир, под услови кои го почитуваат меѓународното право“, рече Емануел Макрон, претседател на Франција.

Руските напади врз Украина засилија, на удар е енергетската инфраструктура на земјата. Воведени се рестрикции за електрична енергија на целата територија. Во Суми се бројат жртви, откако во руски напад била погодена станбена зграда. Има загинати и ранети.

 

Маријана Димовска