воен конфликт

Зеленски: Ракетите ќе зборуваат сами за себе

18.11.2024 16:22

Број еден вест од светот – одлуката на Бајден да дозволи употреба на американски ракети со долг дострел за напади длабоко на руска територија ја зголеми загриженоста од дополнителна ескалација на војната во украина. Зеленски е претпазлив, вели ракетите ќе зборуваат сами за себе. Официјална Москва предупреди дека со ова се долева масло на огнот и се отвора патот за ескалација на војната. Транзицискиот тим на Трамп најави можно преиспитување на одлуката на Бајден...

Руско-украинскиот конфликт влегува во нова фаза по информациите дека Вашингтон и одобрил на Украина употреба на ракети со долг дострел за напади длабоко на руска територија. Се верува дека американски ракети ќе бидат употребени за удари врз руските и севернокорејските војници во регионот Курск во западна Русија. Зеленски претпазлив, вели дека извештаите за промената на политиката на Бајден не биле отворено потврдени од Белата куќа, но рече дека ракетите ќе зборуваат сами за себе.

„Планот за зајакнување на Украина е план за победа што им го претставив на нашите партнери. Една од главните точки е долготрајна за нашата Армија. Денес, многу се зборува во медиумите за тоа дека добивме дозвола за соодветните акции. Но, удари не се прават со зборови“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од Кремљ потсетија на септемвриската изјава на Путин дека дозволата на употреба на оружје со долг дострел во војната во Украина ќе значи директно учество на НАТО во конфликтот. Предупредија, администрацијата на Џо Бајден долева масло на огнот.

„Ако таквата одлука навистина била формулирана и соопштена на режимот во Киев, тогаш, се разбира, ова е квалитативно нов круг на тензии и нова ситуација од гледна точка на вмешаноста на САД во овој конфликт. Администрацијата во заминување во Вашингтон има намера да преземе чекори, тие зборуваат за ова со цел да продолжат да долеваат масло на огнот и да предизвикаат натамошна ескалација“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Од Брисел ја повторија поддршка за Украина да може да користи оружјето со долг дострел доставено од Западот.

„Јас веќе еднаш кажав дека Украина треба да го користи оружјето што и го дадовме, не само да ги запре стрелките, туку и да може да ги погоди стрелците“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Аналитичарите велат дека одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да ја овласти Украина да користи американски ракети со долг дострел против цели во Русија е смела промена на позицијата во последните месеци пред да му ја предаде власта на републиканецот Доналд Трамп.

„Мислам дека ова сигурно ќе им помогне на Украинците, но мислам дека нема да биде одлучувачко за насоката на војната. Секако, администрацијата сака да ја притисне целата помош што е моментално одобрена од страна на Конгресот, пред 20 јануари“, изјави Стивен Бидл, професор по меѓународни и јавни односи на Универзитетот Колумбија.

Руските напади врз Украина засилија – на удар е енергетската инфраструктура на земјата. Воведени се рестрикции за електрична енергија на целата територија. Изминатото деноноќие во напади врз Суми, Миколаев, Одеса, има жртви и повредени.

 

Маријана Димовска