1.000 дена од руската агресија врз Украина
По американската одлука со која на Украина и се дава дозвола за употреба на оружје со долг дострел, но и со одлуката на Русија да распореди севернокорејски војници на фронтот, загриженоста од ескалација на конфликтот расте. Светот како никогаш досега се турка на работ на амбисот …

1.000 дена војната во Украина беснее со несмалено темпо во исчекување на пресвртница откако САД даде зелено светло за Киев да употребува американски ракети на руска територија. Но, Бајден и натаму молчи и не ја потврдува во јавноста својата одлука, исто како и неговата администрација која ја обвини Русија за ескалација на војната.
„Нема да разговарам или да потврдам какви било промени во политиката. Но, само последниот месец Русија распореди над 11.000 севернокорејски војници на фронтот во Курск, ангажирајќи ги во борбени операции против украинската војска. Тоа е голема ескалација од страна на Русија што доведува до конфликт во Европа, а нашиот одговор на тоа ќе биде цврст“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Наспроти молкот на Вашингтон, европскиот шеф на дипломатијата Борел потврди дека Украина добила дозвола од Бајден за употреба на ракетите со долг дострел во радиус од 300 километри на руско тло. Британија и Франција силно ја поддржаа одлуката наспроти Словачка и Унгарија кои изразија силно несогласување и предупредија на трета светска војна.
„Верувам дека тоа е одлука која е сосема добра. Мора да бидеме свесни за фактот дека Русија преку договорот што го потпиша со Северна Кореја и ангажманот на севернокорејските трупи во Европа донесе одлука која е ескалаторна“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Советот за безбедност со предупредување. Русија бара Западот двапати да размисли.
„Војната во срцето на Европа е конфликт со глобални импликации. Таа ја поткопува регионалната стабилност и ги продлабочува геополитичките позиции. Сите страни мора да обезбедат заштита и безбедност на цивилите без оглед на нивната локација“, изјави Розмари Ди Карло, заменик-генерален секретар на Обединетите нации.
„Можеби Бајден, поради многу причини, нема што да загуби, но ние сме изненадени од кратковидоста на Обединетото Кралство и Франција. Тие се желни да играат во рацете на американската администрација што заминува и ги вовлекуваат не само нивните земји, туку и цела Европа во ескалација од големи размери со драстични последици. Тоа е она за што западните земји треба добро да размислат“, изјави Василиј Небензја, руски амбасадор во Обединетите нации.
Во истовреме Нордиските земји веќе издадоа нови насоки за граѓаните во случај на ескалација на конфликтот.
Бојана Крстевски
