Руско-украински конфликт

Опасност од ескалација, светот на раб на амбисот

19.11.2024 08:46

По американската одлука со која на Украина и се дава дозвола за употреба на оружје со долг дострел, но и со одлуката на Русија да распореди северкорејски војници на фронтот, загриженоста од ескалација на конфликтот расте. Светот како никогаш досега се турка на работ на амбисот...

1.000 дена војната во Украина беснее со несмалено темпо-со руски бомбардирања пред зори и нови надежи за крај на кошмарот и конечен мир.

„Секој ден е кошмар, секој ден цивилни жртви и постојани удари врз станбените згради“, изјави Владислав Пархоменко, студент од Киев.

„Сакам војната да заврши и да одиме во училиште како што беше пред војната, кога беше над земја“, изјави Софија Табака, ученичка.

„Не можам да кажам дека нешто ми се промени во овие 1.000 дена војна. Единствено мотивот што никогаш нема да заврши бидејќи мојот регион е под непријателска окупација и ако не дадеме отпор, тие повторно ќе бидат на приодот кон мојот град“, изјави Илија Зелински, командант на единицата на гардата Бугски.

Во исчекување на пресвртница во борбите откако САД даде зелено светло за Киев да употребува американски ракети на руска територија, Бајден и натаму молчи и јавно не ја потврдува својата одлука, исто како и неговата администрација која ја обвини Русија за ескалација на војната.

„Нема да разговарам или да потврдам какви било промени во политиката. Само последниот месец Русија распореди над 11.000 севернокорејски војници на фронтот во Курск, тоа е голема ескалација од страна на Русија што доведува до конфликт во Европа, а нашиот одговор на тоа ќе биде цврст“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Наспроти молкот на Вашингтон, европскиот шеф на дипломатијата Борел потврди дека Украина добила дозвола од Бајден за употреба на ракетите со долг дострел на руско тло.

„Администрацијата на Бајден одобри употреба на оружје доставено до Украина во радиус од 300 километри на руска територија. Ова е подобро од ништо. Не сум импресиониран од таков радиус, но тоа е одлука на администрацијата на Бајден“, изјави Џозеп Борел, министер за надворешни работи на ЕУ.

Британија и Франција силно ја поддржаа одлуката наспроти Словачка и Унгарија кои изразија силно несогласување и предупредија на трета светска војна.

„Верувам дека тоа е одлука која е сосема добра. Мора да бидеме свесни за фактот дека Русија преку договорот што го потпиша со Северна Кореја и ангажманот на севернокорејските трупи во Европа донесе одлука која е ескалаторна“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Во Советот за безбедност дискусија. Потсетија дека војната во срцето на Европа е конфликт со глобални импликации кои ја поткопуваат регионалната стабилност и ги продлабочуваат геополитичките позиции. Русија бара Западот двапати да размисли.

„Можеби Бајден, поради многу причини, нема што да загуби, но ние сме изненадени од кратковидоста на Обединетото Кралство и Франција. Тие се желни да играат во рацете на американската администрација во заминување и вовлекување не само на нивните земји, туку и цела Европа во ескалација од големи размери со драстични последици. Тоа е она за што западните земји треба добро да размислат“, изјави Василиј Небензија, руски амбасадор во Обединетите нации.

Во истовреме, нордиските земји веќе издадоа нови насоки за граѓаните во случај на ескалација на конфликтот.

 

Бојана Крстевски