РОДОВА ЕДНАКВОСТ

Жените да се охрабрат за челни позиции во спортот

23.11.2024 18:39

Добриот збор, железни врати отвора, но зборот исто толку може и да обесхрабри. И во ова модерно време, жените постојано се пред предизвик да се докажат дека се достојни да бидат на врвот во општеството. Родовата еднаквост е честа тема но дали се направени промени или пак наместо напред се враќаме назад? На спортските терени најдобро се гледа колку жената е прифатена како лидер.

Јована Максимовска е млада и амбициозна фудбалерка која штотуку ја стартува својата кариера како судијка. Свирчето го означува почетокот не само за младата женска екипа, туку често суди и на момчиња. Иста игра, но различна перцепција. Момчињата гледаат со предрасуди кон нејзиниот суд на правда. Не изостануваат ниту навредите на теренот.

Приказната на поранешната македонска репрезентативка Гордана Нацева почнала на терените во штипската зона. Таа уште од млади години одлучила дека ќе им пркоси на негативните родови стереотипи. Енергијата која ја потрошила на постигнувањето врвни резултати е подеднаква која ја троши и денеска во позадина и ги бодри идните спортистки.

За речиси сите спортски интернационални збиднувања, голем дел од новинарските извештаи покажуваат критики а некои од нив и навредливи содржини за жените во спортот. Во Македонија, коментаторите велат дека особено се внимава на зборовите кои можат да значат или бодрење, или намалување на самодовербата.

Во светот понежниот пол се бори токму со овој епитет и достојно ја гради својата спортска кариера. Кај нас, жените сè уште се борат спортската кариера да биде издигната на професионално ниво. Претходната влада, за време на короната донесе стратегија чија цел беше да се унапреди родовата еднаквост. Со документот се очекува на жените да им биде дадена шанса за да постигнат големи резултати.

Марина Доковска