Двојно убиство

Обвинителство: Има материјални докази кои го поврзуваат Палевски со убиствата

25.11.2024 12:19

Има материјални докази дека Палчо е сторител на убиствата, новата изјава на Кешишев нема доказна вредност, тврдат обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска.

Во скопскиот Кривичен суд продолжи судењето за убиството на 14-годишата Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски. Има материјални докази дека Палчо е сторител на убиствата, новата изјава на Кешишев нема доказна вредност, тврдат обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска.

„Има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо со убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски“, изјавија тие.

Во однос на тврдењето на обвинетиот Влатко Кешишов, кој го смени првичниот исказ и тврди дека Палевски не бил на местото на убиствата, туку спиел во партијата, обвинителките рекоа дека оваа изјава на Кешишов нема материјална вредност.

„Оваа изјава нема доказна вредност, а обвинетите ќе имаат можност да дадат своја одбрана во текот на судењето“, рече обвинителката Стојковиќ-Димитровска.

На денешното судење треба да бидат сослушани сведоците Игор Јанушев, Зоран Абаз и Мирче Мирчевски. Досега, на изминатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“. Беше сослушано семејството на таткото на Вања, како и повеќе познаници на обвинетиот Палчо.

На првото одржано рочиште, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.