Охрид

Верниците се поклонија и се простија од нивниот владика Тимотеј

26.11.2024 18:07

Посмртните останки на дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј, изложени во храмот „Св. Климент“ на Плаошник. Верниците се поклонија и се простија од нивниот владика …

Тажно бијат камбаните. Свештениците монасите и верниците во Дебарско-кичевската епархија сплотени во тагата и молитвата, за упокоениот дебарско-кичевски митрополит, владиката Тимотеј. Во „Св. Климент“, храм на Плаошник се служеше света архијерејска литургија, а посмртните останки беа изложени за проштално збогум со верниците. Свештениците велат, животот и службата на Тимотеј беа светол пример за пожртвуваност и посветеност кон Црквата Божја.

„МПЦ денес чувствува голема загуба бидејќи тоа беше еден човек мирољубив и особено придонесуваше за стабилноста, мирот во Светиот Архијерејски Синод. Епархијата ја водеше со голема посветеност, скоро 40 и повеќе години возобнови многу манастири во неговата епархија, монаштвото е најбројно“, рече епископот Партениј.

„Смртта на владиката Тимотеј претставува огромна загуба за целата епархија заради делата коишто години наназад ги правеше. Се направија и возобновија многу цркви и манастири и црквата се приближи до народот“, рече градоначалникот Кирил Пецаков.

Верниците со тага и солзи во голем број се простуваат со третиот по ред митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Велат, ќе остане запаметен како голем градител, возобновувач на многу цркви и манастири и монаштвото, но и духовен татко со широко срце за своите чеда.

„Беше искрен човек. Човек од кого можете се да слушнете и за црквата и сè друго. Многу солиден“, рече еден од присутните верници.

„Ќе го паметам како добар раководител на нашата Епархија остави добри впечатоци за нас верниците и го молам Бога да продолжат и неговите наследници нашите свештеници од оваа Епархија исто како нашиот Владика добро да не водат“, додава друг.

„Многу добар човек, стабилен и си ја чуваше верата. Затоа дојдов не сум оттука, но дојдов почит да му дадам“, рече друг верник.

Тимотеј 43 години беше дел од МПЦ а цели 29 години на чело на Дебарско кичевската епархија. Секој момент се чека одлуката на Синодот за погребението, кое извесно е дека ќе се случи во четврток во манастирскиот комплекс на Плаошник, кога се очекува да присуствува целиот црковно државен врв од земјава.

 

Соња Рилковска