Средба Сиљановска Давкова- Филипче, во фокус евроинтеграциите и безбедносните служби
Во Вила Водно средба на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Да реагира на партизацијата и да работи на евроинтегративниот пат, побарал опозиционерот …

Евроинтеграциите и безбедносните служби во фокусот на разговорите меѓу претседателката Гордана Сиљановска Давкова и лидерот на социјалдемократите Венко Филипче.
Власта прави партизација на безбедносните служби, ѝ рекол Филипче на претседателката. Укажал дека спојувањето на безбедносните служби ќе направи гломазна структура која би била тешка за контролирање.
Во однос на евроинтеграциите, Филипче вели, ќе ја поддржат секоја подобра опција од сегашната. При тоа соопшти дека и неговите сопартијци додека биле на власт барале одложено дејство на уставните измени, но бугарската страна не се согласила.
Во соопштението од кабинетот, пак, на претседателката Сиљановска Давкова се вели:
„Во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче ја нагласи потребата од активна соработка на Советот со Владата во функција на спроведување на планот за раст и реформската агенда. Претседателката го информираше за нејзиното видување на евроинтеграцијата и можните решенија за отпочнување на преговорите со Европската унија.“
По средбата со претседателката, лидерот на социјалдемократите вели дека не е договорена средба со премиерот на државата Христијан Мицкоски, но вели дека е отворен со секого за дијалог.
Миле А. Ристески
