Ден на жалост

На Плаошник погребан митрополит Тимотеј

28.11.2024 16:28

Свештеници, монаси и верници во голем број денес на Плаошник се простија од митрополитот дебарско-кичевски владиката Тимотеј. Тој ќе остане запаметен како голем градител, и возобновител на цркви манастири, но и по неговите силни заложби за развој на монаштвото.

Охрид се прости од митрополитот дебарско-кичевски владиката Тимотеј, кој цели 29 години ја водеше епархијата. Голем број верници, свештеници и монаси од земјава, но и од соседните земји денес на Плаошник, го испратија третиот по ред митрополит во епархијата. Заупокоената Света литургија од рано утрово се одржа во катедралната Св. Софија.

Ова е тажен ден за МПЦ- рече во своето послание, Архиепископот македонски г.г. Стефан.

„И во градителството и во возобновувањето на древните светињи со кои изобилуваат и Охрид и дебарско кичевската епархија. Плаошник и Свети Наум, Св. Софија и Перивлепта, Бигорски, Пречиста, Канео сега ни одблизу не се какви што ги наследивте. Дојдовте во вистинско време за паднатите светињи да ги подигнете а урнатите да ги обновите. Градевте и возобновувате храмови и манастри, го обновивте монаштвото“, рече г.г. Стефан.

Владиката Тимотеј, ќе остане запаметен како голем градител, и возобновител на цркви манастири, но и по неговите силни заложби за развој на монаштвото.

„Големи се неговите заложби до последно верно служеше за нашата црква мудрољубиво ја раководеше особено добро организирајќи го духовниот живот во нашата епархија. На нас монасите ни ја даде слободата на самоорганизирање според древните истави според практиката на Светогорската автономија“, вели Ефимија монахиња од манастирот во Рајчица.

Митрополитот Тимотеј е првиот владика кој е погребан во Плаошкиот манастир онаму каде тој го мина половината од својот живот. Во следните 40 дена со епархијата ќе администрира Архиепискот г.г Стефан а потоа се очекува Синодот да го избере новиот Митрополит на една од најзначајните епархии во земјава.

 

Соња Рилковска