Убиство

Почна судењето против кратовчанката за двојното убиство

28.11.2024 16:57

Во кумановскиот Основен суд денеска почна судењето против 36-годишната кратовчанка, која е осомничена дека во јуни во семеен дом во Кратово ги уби мажот и свекорот. Нејзината одбрана во постапката ќе се обиде да докаже дека била жртва на семејно насилство со години и дека институциите затаиле во овој случај.

„Не го признавам кривичното дело. Убиствата се во нужна одбрана“, истакна пред кумановскиот суд 36-годишната кратовчанка Вангелица Илијевска, која се товари за кривично дело убиство со умисла. Таа е осомничена дека со остар предмет во јуни годинава ги убила сопругот и свекорот во семејниот дом. На денешното прво рочиште се сослуша мајката и сопругата на двете жртви, како и првиот сосед. Пред присутните се изнесе обвинителниот акт, на кој реагираше одбраната, нагласувајќи дека ќе докажат дека жената со години била жртва на семејно психичко и физичко насилство од сите членови на семејството. Тие оспорија и докази од обвинителството, односно психијатриското вештачење и трагите од ДНК.

„Нашето вештачење во поглед на психиофизичката состојба на обвинетата во моментот на делување покажува целосно постапување во услови на стеснета свест во нужна одбрана која е потврдена со сите преку 75 докази за жртва на семејно насилство. Она што е интересно дури еден од сведоците свесно кажа дека обвинетата кажала дека се борела со двајца силни крупни мажи мислејќи на починатите и ако ја погледнете и градбата неспорно е дека немала никаква физичка шанса да се одбрани од ваков напад“, истакна бранителот на осомничената жена, Христијан Георгиевски.

Одбраната потенцираше дека ќе докажат дека убиството се случило во нужна одбрана.

Наредното судењето во Куманово ќе се одржи на 20-ти декември. Ќе се сослушаат вешти лица, кои изготвиле наоди и мислења.

Жената е мајка на две малолетни деца. Инаку судот на Илијевска и го продолжи домашниот притвор. Жената досега немала никаква кривична постапка. Случајот го води судијата Саша Ѓорѓевиќ кој вети дека непристрасно ќе биде донесена правдата.

 

Елена Георгиевска