Нафта има за уште неколку дена, јавниот превоз во колапс
Директорот на ЈСП, вели дека постапката за јавна набавка на гориво е во тек, но не открива дали и колку фирми се пријавени на вториот тендер. Тој ќе се отвори на трети декември, но и тогаш за брзо време нема да се надмине проблемот, бидејќи процедурите предвидуваат рокови за жалби и приговори...

60-годишна скопјанка, два часа чекала приватен автобус за да се врати од работа, не знаела дека не сообраќаат. Честопати оди пеш, а за такси пари нема.
„Во два завршив со работа во 4.30 стигнав дома на автобуска останав. Како ние ќе доаѓаме на работа и како ќе се враќаме тоа треба некој убаво да размисли. Сега одам пеш, немам кола не возам‘, изјави Снежана Минова.
Од оваа состојба најмногу трпат граѓаните, велат иако автобуси има, честопати доцнат.
„Се чека да, каснам на факултет имаме колоквиуми, се чека многу“.
„Сега редовни се ама до пред една недела не беа. одев или со кола или некој друг да ме однесе, инаку вака тешко“.
„Има автобуси ама знаат да доцнат и по еден час“.
„И не се качувам бидејќи има многу гужва има расправии во автобус. Народот го изгуби трпението“.
Нафта има за уште неколку дена, најверојатно до недела, тврдат од Независниот синдикат на претпријатието. Од друга страна директорот на ЈСП, вели дека постапката за јавна набавка на гориво е во тек, но не открива дали и колку фирми се пријавени на вториот тендер. Тој ќе се отвори на трети декември, но и тогаш за брзо време нема да се надмине проблемот, бидејќи процедурите предвидуваат рокови за жалби и приговори.
„Моменталната ситуација е дека во моментов има нафта и сега за сега ќе сообраќаат нормално во градот Скопје, за понатака ќе видиме, дали до недела или до понеделник точна информација не можам да ви дадам“, изјави Африм Муча – Независен синдикат на ЈСП.
Додека ЈСП ги троши последните количества на нафта од државните резерви од финансиската полиција за МТВ потврдуваат дека веќе истражуваат што се случува со јавните набавки со гориво во претпријатието. Набргу извештајот ќе го поднесат до Обвинителството.
„Веќе се преземени дејствија согласно член 276 од Законот за кривична постапка. По извршените проверки и детални анализи за целокупната документација од наша страна ќе биде доставен соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство. – велат од финансиската полиција за МТВ.
Од Владата се подготвени да му помогнат на ЈСП, но потсетуваат дека градоначалничката ветила решавање на проблемот со јавниот превоз. Очекуваат позитивен исход од тендерот.
„Многу време пред да се случи состојбата со ЈСП, имавме состанок со градоначалничката која тогаш велеше дека ситуацијата е одлична и дека ќе се справи со неа. Дојдовме до степен каде што имавме ваков застој. Се надеваме како Влада по завршување на набавката дека нема да се случи ваква состојба. Како Влада ќе помагаме во секој момент и онолку колку што можеме“, изјави Марија Митева – портпаролка на Владата.
Сè уште е неизвесно како ќе се реши проблемот со јавниот превоз во метрополата.
Дополнителен хаос во јавниот превоз се создаде откако приватните превозници повторно се исклучија од сообраќај, а граѓаните останаа на автобуските постојки со часови да чекаат автобус.
Андријана Ѓурческа
