Сирија

Повици за деескалација на кризата во Сирија

03.12.2024 09:43

Продолжуваат борбите меѓу сириската армија и бунтовниците. Западот бара деескалација на состојбата. Русија допрва ќе формира став за стабилизирање на ситуацијата. Вашингтон пак ги повика Русија и Иран да го прекинат дестабилизирачкото влијание во Сирија...

Сириската армија тврди дека успешно ја одбила терористичката офанзива на северот и ја повратила контролата над населените места на административната граница на Хама и Идлиб. Додека бунтовниците објавуваат видеа за освоените области во Алепо меѓу кои и меѓународниот аеродром, сириските и руските сили продолжија со воздушното гранатирање. Белите шлемови јавуваат за погодени болнички згради и цивилни жртви во Идлиб.

„Се одвива жестока ескалација во Идлиб. Има голем број жртви и ранети. Освен станбените населби погодени се и четири болници, како и зградата на здравствениот директорат во Идлиб“, изјави Абдула ал Саид, волонтер на Белите Шлемови.

Бунтовниците во Сирија се терористи-оцени иранскиот претседател додавајќи дека не смее да им се дозволи да ја обноват војната во земјата. Русија соопшти дека допрва ќе формира став за стабилизирање на ситуацијата.

„Не треба да дозволиме терористите и заговорниците уште еднаш да почнат војна и крвопролевање во регионот, мора да се обидеме да го направиме тоа преку дипломатија и координација со соседните земји“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.

„Продолжуваме да го поддржуваме Асад, анализираме и ќе формираме став за тоа што е потребно за да се стабилизира ситуацијата“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Вашингтон ги повика Русија и Иран да го прекинат своето дестабилизирачко влијание во Сирија.

„Видовме како продолжуваат да ја дестабилизираат ситуацијата од пред повеќе од една деценија и играат улога што не е од помош, не само за сирискиот народ, туку и за поширокиот регион“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт Департментот.

13-годишната нестабилност во Сирија мора да заврши со консензус во согласност со легитимните барања на сирискиот народ – изјави турскиот претседател.

„Нашата најголема желба е територијалниот интегритет и националното единство на Сирија да бидат заштитени и да завршат со консензус во согласност со легитимните барања на сирискиот народ“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

Осуда за насилствата и апел за прекин на непријателствата пристигна од ООН. Бараат итно враќање на политичкиот процес и сите страни сериозно да се ангажираат за сеопфатен пат за излез од конфликтот.

 

Бојана Крстевски