Во децата со попреченост има потенцијал
Стефан е добитник на бројни награди и признанија на Специјалната олимпијада. Можност за работа добил во скопска општина...

Пред 26 години Лепа била во шок кога дознала дека нејзиниот син Стефан е со Даунов синдром. Вели, брзо морале да си дојдат на себе. Таа морала да остане дома да се грижи за кревкото здравје на Стефан. Основното и средното училиште биле предизвик, како и наоѓање на логопед на сметка на државата.
„Часовите на приватниот логопед се прескапи сега, од некои родители слушам дека се и 1.500 денари. Не секој може да си го дозволи тоа. Проблем се и асистентите кои и тоа како им се потребни на децата. И мене ми беше проблем тоа кога Стефан беше во средно училиште, бидејќи постојано бев на листа на чекање“, вели Лепа Трпковска, мајка на дете со даунов синдром.
Но, тоа не ја обесхрабрило Лепа да го носи Стефан на пливање, фолклор, танци, на модни ревии. Стефан е добитник на бројни награди и признанија на Специјалната олимпијада.
И надлежните треба да работат на тоа да им овозможат да одат напред. Стефан можност за работа добил во скопска општина. Клиниката за физикална медицина и рехабилитација, пак, вработила лица со оштетен вид.
„Сите шест лица имаат подеднакви обврски како и останатите вработени. Нивната најважна задача е да се грижат за пациентите и да даваат соодветна физикална терапија. Нема никаква разлика во тоа дали масажата ја дава лице кое има или нема попреченост“, вели д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Клиниката за физикална медицина и терапија.
Лицата со попреченост од државата добиваат и поддршка за самовработување.
Наташа Јанчиќ- Менковски
