Ургентна потреба за набавка на уште еден ангиограф во Охрид
На специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид и е неопходна уште една ангиографска сала. Иако бројот на интервентни процедури е зголемен листата на чекање е два месеци. Сепак поголеми проблеми настануваат доколку има дефект на ангиографот, поради што пациентите со акутен миокарден инфаркт треба да се упатуваат во болниците во Скопје...

Поради зголемениот број на пациенти специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид има потреба од ургентна набавка на уште еден ангиографски апарат, поради што од Министерството за здравство неколку години наназад се бара отворање на втора ангиографска сала. Годишно во оваа здравствена установа се изведуваат над 2.000 процедури во постојната сала, а листата на чекање е околу два месеци.
„Континуираниот раст на бројот на интервенции, зголемениот број на имплантирани пејсмејкери и нашата ексклузивност во третманот на миокарден инфаркт ја наметнаа потребата од втора ангиографска сала во нашата болница.Тоа значајно ќе придонесе кон намалување на листата на чекање на закажаните пациенти и ќе ги превенира ситуациите на комплетен блок, комплетен прекин на работата во услови на дефект на постојниот“, изјави д-р Билјана Тегоска, директор на специјализираната болница „Свети Стефан“ Охрид.
Иако има обучен медицински кадар за реализирање на проектот за отворање на центар за современ третман на мозочен удар, од здравствената установа не знаат кои се причините поради кои се одолговлекува овој проект.
„Остануваме на ставот дека на регионот му е потребен центар за третман на акутен мозочен удар, а дел од нашиот медицински тим секако би бил клучен во функционирањето на еден таков центар“, додава д-р Билјана Тегоска, директор на специјализираната болница „Свети Стефан“ Охрид.
Специјализираната болница има огромно значење за југозападниот дел од Македонија за што говорат и бројките.
Во здравствената установа покрај интервентните процедури годишно има над 20 илјади амбулантски пациенти, со преку 50 илјади дијагностички прегледи и 700 рехабилитациски програми.
Сашо Нелоски
