Лавина реакции пред одлуката на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците
250 интелектуалци преку писмо до Уставен бараат да не се укинува службената употреба на албанскиот јазик. ДУИ обвини за дестабилизација, власта бара конструктивност од опозицијата, СДСМ не отстапува од позицијата за лидерска...

Седницата на Уставниот суд на која ќе се разгледува уставноста на Законот за јазиците е причина за загриженост во партијата на Ахмети. Интегративците гледаат обид за дестабилизација на државава. Упатија писмо до меѓународниот фактор.
„Постои основана загриженост дека Судот може да укине до осум одредби, со што ќе се загрози интегритетот на Законот и ќе се поткопаат темелите на Охридскиот рамковен договор. Ваквата одлука ќе го наруши долгогодишниот напредок, ќе ја загрози меѓуетничката хармонија и ќе ја дестабилизира кревката рамнотежа што ја одржува земјата обединета“, се вели во писмото упатено од ДУИ.
И ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ со апел до ДУИ – да научи да биде конструктивна опозиција. Владејачката партија оцени дека е ова последен обид на интегративците да предизвикаат меѓуетнички тензии. „Вреди“, пак, со порака да не се злоупотребуваат Албанците, додаваат дека ДУИ не доби одговор ниту на претходното писмо, упатено до дипломатите.
Социјалдемократите со став дека дестабилизацијата е последица на несоработката на власта со опозицијата. Оттаму потсетуваат на нивното барање за лидерска средба.
Во меѓувреме, над 250 албански интелектуалци и универзитетски професори потпишаа отворено писмо упатено до Уставниот суд, со кое бараат Судот да не ја укинува службената употреба на албанскиот јазик.
Седницата на Уставниот суд на која ќе се разгледува уставноста на Законот за јазиците е закажана за в среда на 11-ти декември.
Марина Стојанова-Тонева
