Општините од југозападниот регион незаинтересирани за затворање на депониите
Иако државата веќе обезбеди 34 милиони евра за изградба на регионалната депонија во Новаци и до средината на наредната година ќе биде изработена потребната документација, општините од југозападниот регион делуваат незаинтересирани за реализација на проектот. Освен општина Охрид, останатите седумнаесет дури сега преземаат активности за изработка на проекти за затворање на нестандардните депонии.

Иако според последниот извештај од ЕУ, 20 проценти од населението во Македонија умира поради аерозагадување, тоа како да не ги засега општинските власти во Југозападниот и Пелагонискиот регион. Сè уште не е формирано меѓуопштинското јавно претпријатие коешто ќе го води целиот процес, пред и по отворањето на Регионалната депонија во Новаци, а од 18-те општини само Охрид има изработено техничка документација за изградба на претоварна станица и во моментов сè се работи проектот за затворање на депонијата „Буково“.
„Парите за затворање на Буково треба да се обезбедат допрва, а доколку се покаже транспарентност во процесот јас не верувам дека ќе има проблем да се обезбедат финансии од Европските фондови, бидејќи Европските фондови обезбедуваат пари за ваков тип на намалување на климатските промени“, изјави Драгана Карашова-Иницијатива „Збогум Буково“.
До отворањето на Регионалната депонија во Новаци што е предвидено за 2027 година, Охрид мора да изнајде начини за намалување на загадувањето од депонијата Буково.
„Општината треба да ја огради депонијата, да постави чуварска служба, да постави рампа, да донесе резервоари со вода, да постави ПП рати, се е тоа обврска на општината. Да го сопре чадењето на некој начин, дали тоа ќе биде со покривање со земја или друго, битно да се запре ова што го гледаме на лето“, изјави Ѓоко Љатков од Иницијатива „Збогум Буково“.
Претставниците на Иницијативата „Збогум Буково“ велат дека има македонски граѓани кои живеат во странство и сакаат да инвестираат во Буково, односно да изградат постројка за добивање електрична енергија од гасовите што се ослободуваат од депонијата. Останува да се види колку тие најави се сериозни.
Сашо Нелоски
