Аерозагадување

Охрид бара чист воздух

14.12.2024 17:22

Охрид го стигна Скопје по загаденост на воздухот. Енормно високи концентрации на ПМ 10 честички во воздухот. Еколозите велат итно се потребни мерки за намалување за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух.

Аерозагадувањето на брегот на Охридското Езеро урива рекорди. Со стартот на грејната сезона мерните станици секојдневно покажуваат енормно загадување. Состојбата е алармантна особено во вечерните часови, синоќа е регистрирано присуство на штетните ПМ 10 честички во вредност од 270 мг на метар кубен. Еколозите велат итно се потребни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

„Загрижувачки се состојбите во зимскиот период кога од различните воздушен притисок немаме циркулација а од север од Буково имаме носење загаден воздух, чад смог којшто се позиционира над градот Охрид“, рече Трајче Талески еколог.

„Со таа прекумерна урбанизација на некој начин го стасавме Скопје ги стопиравме ветровите Стрмецот не се чувствува веројатно тоа е причината“ изјави Борис Стојаноски од ЕД Грашница.

Најпогодени од аерозагадувањето се децата, повозрасните и хронично болните. Лекарите препорачуваат во часовите на енормно загадување да се избегнува излегување надвор, пешачење и рекреација.

„Респираторни болести, хронично опструктивни болести, астма, меѓутоа влијанието е далеку поголемо. Особено малите честички навлегуваат во човечкиот организам влијаат на кардиоваскуларното здравје, влијаат на менталното здравје, на развојот на деменција кај луѓето и развојот на децата“, вели д-р Ана Угринска од ДОМ.

Од општина Охрид велат изработен е план за подобрување на амбиенталниот воздух кој предвидува повеќе мерки и тоа субвенционирање на клима уреди, воведување на денови без автомобили, стратегија за озеленување на јавните простори, како и набавка на електрични велосипеди и возила.