Пропаѓаат термини, пациентите не доаѓаат
Граѓаните од североистокот ретко доаѓаат на закажани термини во кумановската болница. Најлоша е состојбата со термини за бесплатна мамографија...

Од десет жени кои имаат закажан термин за бесплатна мамографија, во кабинетот за дојка во кумановската болница, се јавуваат само по две. Од установата реагираат и повикуваат граѓаните да бидат совесни и да ги почитуваат термини, бидејќи други со месеци чекаат за да закажат преглед. Испратиле и допис до фондот за здравствено осигурување да им укаже на матичните лекари, да ги ажурираат списоците, особено телефонските броеви на пациентите. Но ова не е проблем само за мамографија, туку за сите одделенија кои работат по „Мој термин“.
„Реална загуба треба да биде само 5 до 10 проценти на тие термини, но имавме и случаи на поголема загуба на термини, 90 отсто што не е дозволиво. Мамографија тешко се доаѓа и за некого може да значи живот“, истакна Владимир Симоновски, главен медицински техничар во болницата.
Интересот за бесплатен скрининг кај пациентките од североистокот е голем. Радиолозите во кумановската болница две години работат на нов мамограф, на кој вршат и ехо контрола на дојка. Раната детекција посочуваат е клучна.
„Претежно млада популација се болести од бениген карактер, од лошите проблематики кои често ги гледаме кај повозрасните, кај младата популација ги нема“, истакна д-р Изаир Биљали, началник радиолог Општа болница Куманово.
За рана детекција велат клучна е совеста и на самите пациенти но и навремена реакција на матичните лекари, кои би требало редовно да ги праќаат жените над 40 години на преглед за ехо на дојка.
На дневно ниво овде во кумановската болница по „Мој термин“ мамографија вршат од 10 до 15 пациенти.
Елена Георгиевска
