Енергетика

ЕУ со грант од 5 милиони евра за фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“

18.12.2024 12:50

ЕСМ и Европската банка за обнова и развој ставија потпис на договорот за грант. Ќе се градат две нови соларни електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, кои треба да ги покријат потребите од струја на 8.500 луѓе…

Ставен потпис за изградба на нови фотонапонски централи во Македонија. Грант од пет милиони евра ќе добие земјава за реализација на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“ кои треба да придонесат за успешна енергетската транзиција. Договорот е тежок 25,6 милиони евра, обезбедени преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, финансирана од ЕУ.

„Банката е тука да и помогне на земјата со финансиска поддршка за диверзификација на изворите на енергија и намалување на увоз на електрична енергија, со тоа што енергијата од сонцето и ветерот ќе бидат приоритети за обновливи извори кои треба да се развиваат краткорочно и среднорочно“, рече Фатих Туркменоглу, претставник на Европската банка за обнова и развој“.

„Работиме и на нови проекти, ова е втор се надевам од многу што ќе дојдат. Затоа што нема сомнеж дека секоја инвестиција во чиста енергија, ќе ја осигура земјата да стане поатрактивна за странски директни инвестиции затоа што како што гледаме земјата е крстосница и сите се надеваме дека ќе стане земја на можности додека се подготвува на патот за европската интеграција и пристапување кон ЕУ“, изјави Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во Македонија.

Фотоволтаиците ќе бидат инсталирани во двете електрани до 30 септември 2025 година за да се обезбеди комбиниран капацитет од 30 мегавати производство.

„АД ЕСМ со овој проект ја задржува својата позиција како лидер во енергетската транзиција. Енергетската транзиција е визија за иднина во која ќе кима чиста енергија, здрава животна средина и економски просперитет. Реализацијата на овие проекти ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за околу 40.000 тони годишно што ќе овозможи рекултивација на 45 хектари земјиште во кругот на РЕК Битола и на РЕК Осломеј што директно ќе влијае за поздрава животна средина“, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини.

Двете соларни електрани се очекува да произведат 50 гигават часови електрична енергија, што одговара на потребите од енергија на 8.500 домаќинства и со кои емисиите на јаглероден диоксид би се намалиле за 34.000 тони годишно.

„Со потпишувањето на овој грант, имплементацијата на двата проекта влегува во завршна фаза. Осломеј 2 со просечно годишно производство од 16 гигават часови и Битола 1 со просечно годишно производство од 30 гигават часови ќе го зголемат портфолиото на обновливи извори во сопственост на државата што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на стратешките определби на патот кон зелената енергетска транзиција“, нагласи Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ.

Досега, Македонија доби грантови вредни 215 милиони евра за инфраструктурни инвестиции во енергетскиот сектор. Од нив, 38 милиони се за фотоволтаици, ветерници и рехабилитација на хидроцентрали.

Со вложувањето во обновливите извори на енергија треба да се придонесе за поголема енергетска независност и почист воздух.

Борис Грујоски