„Арсеник и стара тантела“ вечерва премиерно во Театар Комедија
Тоа е крими црна комедија која говори за изопаченоста и современото безумие, за прикривањето злосторства, за емпатијата како изговор за криминал, за љубовта.

Вечерва во Театар Комедија со почеток во 20 часот на големата сцена премиерно ќе биде изведена претставата „Арсеник и стара тантела“. Тоа е крими црна комедија која говори за изопаченоста и современото безумие, за прикривањето злосторства, за емпатијата како изговор за криминал, за љубовта.
Навидум е сè нормално и општествено прифатливо во животот на сестрите Аби и Марта Брустер. Тие живеат заедно со нивниот возрасен внук Теди. Средината ги почитува и им е наклонета, заради нивната милосрдност и добродушност кон соседите. Освен тоа, тие се религиозни и богоугодни, и се радуваат на новиот свештеник во заедницата, особено затоа што неговата ќерка има романтичен однос со другиот внук, театарскиот критичар Мортимер. Но, оваа идилична слика, всушност има мрачна опачина. Сестрите Брустер имаат бизарно хоби – труење осамени луѓе (претежно мажи), Теди страда од делузија на идентитет и верува дека е претседателот Теодор Рузвелт, а добро чуваната тајна во семејството на лудаци се открива со појавата на третиот внук, Џонатан, за кого се знае многу малку до неговото враќање во домот.
„Арсеник и стара тантела“ од Џозеф Кеселринг првично била предвидена како сериозна пиеса, инспирирана од вистински настани, но потоа била преработена во фарсична црна комедија со макабристички елементи. Уште од првата изведба на Бродвеј во 1941 година станала хит, постигнувајќи неверојатен успех кај критиката и публиката, за што зборува податокот за одиграни 1.444 изведби. Пиесата добила и филмска адаптација во 1944 година, со Кери Грант во главната улога, инаку втората најголема филмска ѕвезда на сите времиња (по Хемфри Богарт) според Американскиот филмски институт.
Преводот на „Арсеник и стара тантела“ од Џозеф Кеселринг го направи Горан Додевски, режијата и адаптацијата е на Лидија Дедовиќ, соработник на драматургија-Благица Секулоска, асистент на режија-Жаклина Петровска. Костимограф на претставата е Ивана Каранфиловска, сценограф-Сергеј Светозарев, а соработник на сценографија-Војдан Запров.
Музиката на претставата е на Емин Џијан, во соработка со Оливер Јосифовски.
Во претставата играат: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Сергеј Димоски, Столе Мицов, Григор Јовановски, Тони Денковски, Жаклина Петровска, Илија Илиоски, Виктор Арсов.