Заврши процесот на стручни расправи за измените на Законот за Судски совет
Министерот за правда Игор Филков во свето обраќање во Врховен суд рече дека сите досегашни дадени предлози се нотирани и заедно со денешните ќе бидат проследени до оптимизирана работна група којашто ќе ги подготви соодветните законски измени...

Министерот за правда Игор Филков во свето обраќање во Врховен суд рече дека сите досегашни дадени предлози се нотирани и заедно со денешните ќе бидат проследени до оптимизирана работна група којашто ќе ги подготви соодветните законски измени.
„Верувам дека ќе добиеме соодветно законско решение коешто ќе ја постави основата за ефикасно функционирање на ова тело. Судскиот совет треба да го врати легитимитетот, професионалноста и интегритетот со правилна примена за законските норми. Реформската агенда која официјално беше одобрена од Европската комисија, на 23 октомври годинава не обврзува до јуни 2025 година да имаме нов закон за Судски совет, во којшто ќе бидат адресирани препораките од Оценската мисија. Не очекува и обврската нацрт законот да биде разгледан од страна на Венецијанската комисија пред усвојувањето во државата што создава притисок за што поскоро завршување на процесот. Реализацијата на секоја законска норма од овој дел зависи од секој судија, јавен обвинител, член на Судскиот совет, член на Советот на јавни обвинители и дигнитетот и професионалноста на секој од нив“, потенцира министерот Филков.
За постигнување на оценката дека во државата владее правото не е доволно само постапувањето на институциите на државата, туку клучно е и процесуирањето на секоја кривична пријава во разумен рок, подигнување на соодветни и издржани обвинителни акти и секако ефикасна судска постапка по однос на секое поднесено обвинение.
Само целосно затворен круг во ефикасна постапка е доказ дека системот во државата е функционален.
Ова е заедничка заложба за којашто е потребен заеднички придонес со цел враќањето на довербата на граѓаните во правосудните институции.
