Штрајкот на професорите влегува во правен лавиринт
Штрајкот во Штип влегува во правен лавиринт. Адвокатот на професорите тврди дека не е постапено согласно упатствата на просветниот инспекторат. Универзитеот го тврди спротивното. Деканите апелираат на прекин на штрајкот и почитување на процедурите...
Адвоктот на тројцата професори од Економскиот факултет во Штип, тврди дека УГД не постапил според упатствата на Просветниот инспекторат:
“Таму нема дадено напатствие да се укине рецензентскиот извештај којшто е позитивен. Вака донесеното решение не е постапување согласно препораките на Инспекторатот“, смета Дејви Давитковски, адвокат на професорите,
„Нема нова рецензентска комисија. Истата рецензија која беше и претходно донесена е реобјавена, за да може да се спроведе гласањето. Без тоа не може да има гласање“, појаснува проф. д-р Саша Митрев, ректор на УГД.
Професорите кои 17 денови штрајкуваат со глад, претходно нe искористија ниту еден друг механизам за жалба кои по закон ги следува. Зошто:
„Нам не ни беше дадена одлуката по која ние можеме да се жалиме. Имено, ни беше речено дека ќе ја добиеме до 07. август, а рокот со кој истекува нашиот конкурс, завршува на 02. август“, истакна доц. д-р Крсте Шајновски од Економскиот факултет - Штип.
„Од страна на Наставно – научниот совет и деканот на Економскиот факултет не беше потпишана ниту една одлука. Ние бевме задолжени да ги објавиме уште еднаш добиените рецензии. Согласно законот, штом се објави во Билтен, мора да се чека 15 денови за евентуални приговори на самата процедура“, изјави ректорот на УГД Митрев.
Во меѓувреме, неколку декани упатија отворено писмо до професорите со апел да го прекинат штрајкот со глад, изразувајќи убеденост дека сите отворени прашања можат и треба да се решаваат во рамките на Универзитетот.
Оливера Жежова