Значајни настани на политичката сцена во 2024
Измината 2024-та година политичката сцена во земјава беше исполнета со значајни настани. По одржаните парламентарни и претседателски избори, дојде до комплетна промена. Гордана Сиљановска Давкова стана првата жена претседател во Македонија, а владиниот кабинет го состави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Промени имаше и кај социјалдемократите, лидерската позиција ја презеде Венко Филипче...

Во годинава што изминува се случи промена на власта. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ВРЕДИ и ЗНАМ ја формираа новата Влада. По тешкиот пораз на изборите, СДСМ доби нов лидер. Избрана првата жена претседател. Актуелната власт во бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, опозицијата со обвинувања за лоши политики. Новото Собрание се конституира на 28-ми мај, Африм Гаши избран за претседател. Две недели подоцна, новата претседателка положи заклетва. На инаугурацијата Сиљановска-Давкова го употреби само името Македонија. Порача дека ќе биде претседателка на сите и дека ни е потребно единство.
Се изгласа нова Влада
Пратениците со 77 гласа „за“ и 22 „против“ ја изгласаа новата Влада, премиер Христијан Мицкоски. Рече дека на „граѓаните им е доста од препирки“ и оти е „потребна работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти“. Вети подигнување на стандардите, макотрпна работа, додавајќи дека државата ќе се менува. Осврнувајќи се на преговарачката рамка со Европската Унија и уставните измени порача-бугарски диктат под вакви услови нема да пројде.
По катастрофалниот пораз на парламентарните и на претседателските избори, СДСМ со нов лидер. На чело на партијата застана Венко Филипче. Вети враќање на достоинството на партијата, силна опозиција и борба за спречување на лошите политики на власта.
Лоши резултати во правосудството
Критиките од премиерот Мицкоски за лоши резултати во правосудството, изгубената доверба и најавите за разрешувања во Судскиот совет, како да ги размрдаа истражните органи. Случаи „Адитив“, „Државна лотарија“, акции против наркокартелите и подземјето. Меѓу осомничените, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на лотарија Бајрами. Добија по 30-дена притвор. Двајцата се во бегство. МВР распиша меѓународна потерница. Се бара и поранешниот директор на ЕСМ Ковачевски за злоупотреба на службената положба. САД ја проширија црната листа, врховниот судија Енвер Беџети разрешен. МВР поднесе кривична пријава и за експремиерот Ковачевски, но обвинителството сè уште истражува. Премиерот од собраниска говорница посочи дека додека бил опозиционер тој и неговото семејство биле следени од тајните служби. Обвинителството отвори предмет по допрен глас.
На испит и уставните судии. Прво мислење на експертите и на Венециската комисија за Законот за употреба на јазиците, па дури потоа подготвителна седница и конечна одлука. Лидерите од Европскиот фронт и нивни поддржувачи со шатори пред Уставен, во одбрана на јазикот.
Заложби за забрзување на евроинтеграциите
А, во законодавниот дом власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања кој работи, а кој не, за граѓаните и за државата. Не беа ретки ниту вербалните навреди. За влакно избегната и физичка пресметка. Спикерот Гаши мораше да повика обезбедување.
На крајот од годината, во Собранието обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова. Заложби за забрзување на евроинтеграциите, но и критики кон Европската Унија за непринципиелниот однос кон Македонија и лекции по европско и меѓународно право.
За власта, уставните измени и натаму главен предизвик и за идната година. За опозицијата консолидацијата.
Милчо Велески
