Судски совет

Камбовски: Секој оној судија којшто не работи според законите, местото нема да му биде веќе во судскиот систем

03.01.2025 15:44

Александар Камбовски едногласно избран за нов претседател на Судскиот совет. Колегите побараа, тој вети дека ќе ја оправда довербата. Ќе има одговорност за судиите кои не работат според Устав и Закон, тука за личен интерес.

Новиот член на Судскиот совет Александар Камбовски е новиот претседател кој ќе го води Советот во следниот период за него гласаа сите 13 членови. Дојде од битолското апелациско подрачје и е дел од втората генерација судии излезени од академијата за судии и обвинители.

Камбовски со порака до колегите, но и до јавноста дека ќе ја оправда довербата. „заеднички сите да ги постигнеме високите стандарди на професионализам, непристрасност и зајакнување на темелите на владеење на правото“.

„Секој оној судија којшто работи не според законите туку според некои негови лични интереси, дали потпаднал под влијание, дали сакал да оствари некаква друга материјална или нематеријална корист, бидете уверени дека местото нема да му биде веќе во судскиот систем. Ние треба да имаме соработка и со извршната и со законодавната власт. Ние сме дел од системот на владеење во оваа држава, нели трите власти и ние мора помеѓу нас да си помагаме и да се контролираме“, изјави Камбовски.

Камбовски за претседател беше предложен од Исамедин Лимани, но и останатите членови на Советот по Лимани беа со пофални зборови за новиот претседател.

Судскиот совет во Собранието доби негативна оценка по извештајот за неговата работа. Оние судии кои се предлог од Собранието се размислува да бидат разрешени во законодавниот дом. Премиерот Мицкоски кажа дека по новогодишните празници ќе се повлечат нови потези, а со тоа извесни се и промени во составот на Советот. Спикерот Африм Гаши потврди дека Собранието ќе расправа за разрешување на пет членови на Судскиот совет, но не без да го консултира Уставниот суд. Целта е да се избегне правна грешка, но и процедурата да биде во тек. Соработка меѓу властите мора да има нагласи Камбовски. Иако околу разрешувањата на судии од Советот беше резервиран и рече да почекаме да видиме што ќе се случи.

 

Миле А. Ристески