Пуштена во употреба реконструираната спортска сала во Радовиш
Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и со градоначалникот Ацо Ристов денеска ја пушти во употреба комплетно реконстуираната спортска сала во Радовиш изразувајќи задоволство од рекордно брзата реализација на проектот...

Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и со градоначалникот Ацо Ристов денеска ја пушти во употреба комплетно реконстуираната спортска сала во Радовиш изразувајќи задоволство од рекордно брзата реализација на проектот.
Наместо за планираните шест месеци, колку што изнесуваше рокот за изведба според договорот, реконструкцијата на спортската сала „25 Мај“ во Радовиш е завршена за четирисетина дена.
Овој проект е дел од капиталните инвестиции на Министерството за спорт за изградба и обнова на спортската инфраструктура.
- Она што го најавивме пред неполни пет месеци, успеавме да го реализираме. Комплетната реконструкција на спортската сала во Радовиш која по договорот требаше да трае шест месеци, ние успеавме да ја реализираме за четириесетина дена што е еден огромен плус во работата на Министерството за спорт. Со ова покажуваме дека сакаме амбициозно да ги фатиме и да ги завршиме работите. Ова е инвестиција на Министерството за спорт во вредност од 20 милиони денари која ќе служи за враќање на спортскиот сјај на Радовиш, враќање на децата во салата и во спортот. Се надевам и посакувам спортистите и граѓаните на Радовиш со успех да ја користат оваа сала– изјави министерот Борко Ристовски посочувајќи дека инвестирањето во спортската инфраструктура ќе биде во фокусот на Министерството за спорт и во наредниот период.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски истакна дека реализацијата на овој проект претставува голем успех и упати честитки до министерот за спорт Борко Ристовски и до градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов.
- Носиме убави вести за граѓаните. Проекти коишто беа започнати, во рекордно време се завршени. Нешто што за мене претставува навистина импозантен успех и за тоа сакам да му честитам и на министерот за спорт и на градоначалникот на Општина Радовиш и на сите оние кои беа вклучени во реконструкцијата на овој објект. Од она што беше претходно, сега салата изгледа навистина европски репрезентативно. Очекувам од овој објект да излезат голем број одбојкарски, кошаркарски, ракометни репрезентативци, борачи и пингпонгари коишто ќе ја користат оваа сала – рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Истакнувајќи ја важноста на оваа спортска сала за градот, градоначалникот Ацо Ристов во името на сите граѓани на Радовиш упати благодарност до Министерството за спорт и до Владата за реконструкцијата на објектот.
Реконструкцијата на спортската сала е дел од капиталните инвестиции на Министерството за спорт во спортската инфраструктура. Проектот, чија вредност изнесува 20 милиони денари, предвидуваше целосна санација на подот и трибините во салата. Ова е само една од серијата планирани инвестиции на Министерството за спорт, кои имаат за цел да ја подобрат спортската инфраструктура и да ги поттикнат младите да се занимаваат со спорт.
