Расте црниот биланс од пожарите во Лос Анџелес
Најмалку 16 загинати во пожарите во Лос Анџелес. Огнот пеплоса илјадници објекти. Наредбата за евакуација на околу 100.000 луѓе и натаму е во сила. Уапсени се триесетина лица поради кражби и разбојништва, но и за прекршување на полицискиот час…

Порасна црниот биланс во огнената стихија што шест дена беснее во Лос Анџелес. Издадени се нови наредби за евакуација откако пожарот се прошири кон Брентвуд во кањонот Мандевил заканувајќи им се на околните куќи.
„Живеам тука од мојата прва година, ваков пожар досега не сум видел повеќе од 50 години. Пред пет години, исто имаше пожар, но ова е најлошото досега“, изјави Џим Баер, жител на Брентвуд.
Од шесте пожари, три се под контрола. Околу 50 насто од областа е изгасната. Пожарите во Палисадес, Итон и во Арчер и натаму се активни. Во трка со времето пожарникарите се обидуваат да ги зауздат пламените јазици по најавите за нови засилени ветрови кои не им одат во прилог на постигнатиот напредок.
„Пожарот во Итон сега се проценува на повеќе од 14 илјади хектари и со само 15 процентна контрола. Зголемените критични временски услови со силни ветрови од Санта Ана кои се предвидува да траат до среда ќе ја одржат заканата висока за округот“, изјави Ентони Мароне, шеф на противпожарната служба во округот Лос Анџелес.
Огнот пеплоса илјадници објекти. Наредбата за евакуација на околу 100 илјади луѓе и натаму е во сила. 35-годишната Сабрина е една од првите која се прикраде во затворената област. Во неверување стои пред личните работи меѓу урнатите ѕидови од нејзиниот дом.
„Мојата спална соба беше напред таму, со сестра ми. Знаете, не беше толку голема куќа, но имаше сè што ни требаше“, вели Сабрина Мосенифар, локалка од Пацифик Палисадес.
Додека пожарникарите продолжуваат со битката против смртоносните пожари, силите на редот уапсија најмалку 27 лица поради кражби и разбојништва, но и за прекршување на полицискиот час. Гувернерот на Калифорнија, Њусом, го покани новоизбраниот американски претседател Трамп да ја посети областа по неговите најнови обвинувања и барањето оставка.
„Ве повикувам да дојдете во Калифорнија, да се сретнете со Американците погодени од овие пожари, да го видите уништувањето од прва рака и да ми се придружите во заблагодарувањето на херојските пожарникари. Во духот на оваа земја, не смееме да ја политизираме човечката трагедија или да шириме дезинформации“, рече Гевин Њусом, гувернер на Калифорнија.
Покрај загубените домови, десетици илјади луѓе останаа и без струја, а милиони беа изложени на лош квалитет на воздухот. Претседател во заминување Бајден пожарите ги прогласи за голема катастрофа и најави стопроцентно надоместување од владата во наредните 6 месеци.
Бојана Крстевски
