Милановиќ победи на претседателските избори во Хрватска
Со убедлива разлика од над 49 насто гласови наспроти својот ривал Драган Приморац, успеа да обезбеди нов петгодишен мандат како шеф на државата...

Актуелниот хрватски претседател Зоран Милановиќ поддржан од опозициската СДП победи во вториот изборен круг на претседателските избори во земјата. Со убедлива разлика од над 49 насто гласови наспроти својот ривал Драган Приморац, успеа да обезбеди нов петгодишен мандат како шеф на државата. Во победничкиот говор побара од власта гласот на народот да биде слушнат.
„Подадената рака е моја должност кон оние кои ја имаат извршната власт. Затоа, Владата е најодговорна! Барам од владата да го слушне ова што го кажаа граѓаните денеска. Ова не е поддршка за мене. Ќе се држам до Уставот, тоа е мојата агенда и со тоа се согласуваат 75 насто од гласачите. Уште еднаш барам од владата да го слушне ова“, изјави Зоран Милановиќ, претседател на Хрватска.
Неговиот противник, кандидатот на владејачката ХДЗ Приморац, пак, го прифати поразот, но не му ја честиташе победата на Милановиќ.
„Колку што можев, дадов се од себе. Понудив визија за подобра, поинаква, горда Хрватска. Свесен сум дека некои не ја избраа програмата или визијата, имаа други причини, но тоа е право на демократијата. Во мојата агенда сакав да испратам јасна порака дека Хрватска заслужува и може подобро“, рече Драган Приморац, претседателски кандидат на ХДЗ.
