Политика

Неизвесна политичката судбина на Даути

13.01.2025 15:07

Координација во Собранието меѓу пратеничките групи за тековните работи, но не и за разрешувањето на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути, на која пратениците и изгласаа недоверба за нејзината работа...

Координација во Собранието меѓу пратеничките групи за тековните работи, но не и за разрешувањето на претседателката на Комисијата за социјална политика, Илире Даути, на која пратениците ѝ изгласаа недоверба за нејзината работа. Никој од координаторите кај спикерот Африм Гаши не го покренал прашањето, како и што понатаму: дали ќе биде разрешена од претседателското место во Комисијата, дали Европскиот фронт ќе именува нов претседател или Даути ќе си остане на позицијата на која е.

ВМРО-ДПМНЕ гласаше за поднесената интерпелација за Даути, која условуваше истите права како бранителите да ги имаат и припадниците на ОНА.

Социјалдемократите се револтирани од начинот зошто за измените во Законот за бранители после Даути, по службена должност Комисијата не ја закажа спикерот Гаши, како што е предвидено со собранискиот Деловник. Токму поради ова и првиот парламентарец би можел да заработи интерпелација, брифираат од СДСМ иако тие не гласаа за ниту една минатонеделна интерпелација во Собранието.

Вицепремиерот Меџити вели дека Даути ќе ја задржи функцијата.

Од Левица велат топката е сега кај мнозинството.

„Имаме на ум низа чекори кои ќе ги преземеме за процесот да дојде таму каде што треба да заврши, а тоа е крајно да добиеме нов претседател на Комисијата за социјална политика“, соопштија од Левица.

Илире Даути преку пишан став посочува: „Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од левица и предложени како заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила до сега, слободно и независно“.

Од кабинетот на собранискиот спикер го повторија ставот дека изгласаната интерпелација нема обврзувачки последици за разрешување.

Миле А. Ристески