Јанкуловска ослободена за „Тврдина“, Грујевски, Јакимовски и Бошковски добија затворски казни
Затворски казни за екс-разузнавачите кои се во бегство, ослободителна пресуда за екс-министерката Јанкулоска – Кривичниот суд ја изрече пресудата за „Тврдина“, за уништувањето на опремата за масовно прислушување...

Поранешните разузнавачи во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски добија највисоки казни во случајот „Тврдина“. Им се судеше во отсуство – Грујевски заработи 14 и пол години казна затвор, Бошковски 9 години и 10 месеци. Се товарат за уништување на опремата за преслушување. Тони Јакимовски, кој беше шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК Сашко Мијалков – осуден на три години. Валентина Симоновска, доби условна казна од две години, а поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска е ослободена од обвинението.
Судијата пресуди направената штета од над еден милион и 400 илјади евра, Грујевски, Јакимовски и Бошковски да ја надоместат во рок од три месеци.
Одбраната на Јанкуловска е задоволна од пресудата, преку граѓанска постапка ќе бара оштета.
„Ако не во кривична, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето и да се надомести нематеријалната штета која Гордана Јанкуловска ја има претрпено како една од најголемите жртви на прислушкувањето“, изјави Влатко Илиевски, адвокат.
Адвокатите на Јакимовски ќе се жалат во Апелација.
„Од она што беше објавено од страна на судот читајќи го диспозитивот на обвинението, тоа претставува изворник на самата пресуда не сме задоволни и ќе поднесеме жалба“, изјави Љупчо Шврговски, адвокат.
На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков му застаре делото, а и за овој предмет се ближи рокот на застарување.
Случајот „Таргет – Тврдина“ е дел од предметот за уништување на системот со кој масовно се прислушуваа илјадници граѓани, бизнисмени, политичари и новинари.
Андријана Ѓурческа
