Цветановски со реакција по наводите на државниот обвинител Коцевски
Немам законска обврска да се консултирам со републичкиот обвинител за одлука што треба да ја донесам – вишиот обвинител Јован Цветановски ги отфрли тврдењата на Коцевски, изнесени во интервју за МТВ дека неосновано се откажале од гонење во неколку предмети. И тој и обвинителот Хајрулахи негираат дека се местеле предмети....

Треба ли да се влечеме по судови за предмети кои воопшто не се кривични дела? Вишиот обвинител Јован Цветановски со реакција по наводите на државниот обвинител Љупчо Коцевски дека во дослух со неговиот шеф Мустафа Хајрулахи местеле предмети и во четири случаи тешки 10 милиони евра неосновано се откажале од жалба или обвинение. Цветановски во изјава за МТВ вели дека немал законска обврска да го консултира Коцевски каква одлука да донесе. За конкретните случаи вели – биле без докази, а обвиненијата нарачани.
Суспендираниот обвинител Хајрулахи вели ниту имало, ниту ќе има местење на предмети.
Коцевски во емисијата „360 степени“ на МТВ рече дека против двајцата обвинители се водат дисциплински постапки. Наведе дека за овие 4 предмети пред да донесат одлука, иако требало да реферираат во Републичкото обвинителство, сепак одлучиле по сопствено убедување.
Вишите обвинители сметаат дека начинот на којшто се промовира дисциплинската постапка во јавноста е незаконит и ќе бараат одговорност од Коцевски.
Обвинителската војна на релација вишо-државно обвинителство почна со случајот за бонусите во СЈО. Двајцата виши обвинители јавно кажаа дека Коцевски им врши притисок каква одлука да донесат, но сепак постапиле по сопствено убедување, поради што, како одговор, се соочуваат со дисциплинска одговорност. Коцевски демантираше, рече дека притисок не вршел – а обвинителите нестручно работеле.
Анита Димитријевска-Велковска