Индустриската зона во Виница надеж за враќање на иселените

30.07.2014 16:42

Странски компании веќе се интересирале за инвестирање во новата ТИРЗ Виница. Виничани во ТИРЗ гледаат надеж за враќање на иселените и поголем економски развој и стандард.

Најавите за изгрдаба на технолошко индустриска зона кај Виница ја подгреа надежта за поголем економски развој и стандард на виничани.

„Ова многумина го очекуваат. Само да се отворат фабриките и да се вработат младите.“

„Вчера разговарав со син ми, вели кога би имало работа веднаш се враќам во Македонија.“

„Ако имаат работа, иселените сега секако ќе се вратат. Каде си се родил, таму си влече каменот“ велат анкетираните виничани.

Со оптимизам на ТИРЗ гледаат и угоститеите, особено оние чии објекти се лоцирани во непосредна близина:

„Ќе има многу луѓе, странци ќе доаѓаат и ќе се зголеми бројот на ноќевања. За нас ова е многу добро“, вели Марко Николовски, сопственик на угостителски објект.

Според најавите изградбата на ТИРЗ треба да започне за помалку од еден месец, а интерес за инвестиции веќе има.

„Според моите информации од Агенцијата за странски инвеститори, веќе има интерес за инвестирање овде, но кои компании и од кои дејности ќе се знае на крајот од годината“, вели Емил Дончев, градоначалник на Виница.

Виница е општина со околу 19.000 жители, 4 % од населението активно, а уште 6 % пасивно бараат работа, а околу 6.000 се иселени во последните 15 години како резултата на невработеноста. Сето ова би тебало да стане минато откако во ТИРЗ ќе влезат првите инвеститори. 

На само неколку километри од Виница, на повтршина од 20 ХА ќе се гради нова ТИРЗ. Според најавите првата фаза од изгрдабата треба да заврши за два месеца, а ќе чини околу 500.000 евра.

Оливера Жежова