Осум лица го загубија животот во пожар во дом за стари лица во белградската општина Бараево
Во моментот на пожарот во домот имало 30 лица, од кои осум починале, седум лица се повредени, од кои на тројца им била укажана лекарска помош во Ургентниот центар...

Осум лица загинаа, а седум се повредени во пожар во дом за стари лица во Велики Борак во белградската приградска општина Бараево. Во моментот на пожарот во домот имало 30 лица, од кои осум починале, седум лица се повредени, од кои на тројца им била укажана лекарска помош во Ургентниот центар, а четворица се на ВМА. Останатите корисници се сместени во друг дом за стари лица.
„Во брза акција директно се спасени 13 лица во објектот во кој се наоѓале 30 лица. Сè уште го пребаруваме објектот за откривање на извори кои можат да предизвикаат повторно пожар како и причините за него“, изјави Лука Чаушиќ в.д. началник за вонредни ситуации и помошник на министерот за внатрешни работи.
Пожарот во домот за стари лица избувнал во 03:32 часот, а пожарникарите пристигнале на самото место во 03:45 часот и го затекнале пожарот во полн ек, на површина од 150 метри квадратни, од вкупната површина на објектот на 500 квадратни метри. Во потрагата на теренот биле ангажирани 32 пожарникари и спасувачи со 11 возила.
„Она што можам да го кажам е дека според првите прелиминарни информации е дека постојат сериозни индиции да трагедијата е предизвикана од криминално дејство на поединец и дека пожарот е подметнат. Увидот е во тек и брзо ќе излеземе со информации“, изјави министерот за труд, вработување, бранители и социјала, Немања Старовиќ.
Старечкиот дом ги поседувал потребните лиценци за работа и имал лиценца за работа, како и сите услови на противпожарна заштита. Полицијата во соработка со надлежното обвинителство продолжува интензивно да работи на утврдување на сите околности и факти за овој настан.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
