Небото над Блискиот исток мирно за првпат по 15 месеци
Првата фаза од прекинот на огнот во Газа стартуваше. Израел и Хамас почнаа со спроведување на договореното со посредедство на САД, Катар и Египет. Оружјето мирува за првпат по 15 месеци. Палестинците почнаа да се враќаат дома, но затекнаа урнатини...

Небото над Газа тивко за првпат по 15 месеци. Првата фаза од договорот меѓу Израел и Хамас стартуваше со размена на првите три израелски заложнички во замена за палестински заробеници. Низ преминот Рафах минаа стотици камиони со хуманитарна помош за погоденото палестинско население, а се очекуваат илјадници.
„Во овој договор има ризици и има предизвици. Ние сме подготвени и знаеме како да одговориме на сите предизвици, знаеме како да се вратиме и да се бориме, да застанеме во одбрана на сите цели на војната“, изјави Даниел Хагари, портпаролот на армијата на Израел.
Хамас предупреди дека секое прекршување на условите може директно да влијае врз безбедноста на заложниците.
„Ние, заедно со нашите браќа во палестинските фракции на отпорот, ја објавуваме нашата посветеност на договорот за прекин на огнот и нашата подготвеност да ги спроведеме неговите одредби и да се придржуваме до неговите услови. Притоа нагласуваме дека сето ова зависи од посветеноста на непријателот“, рече Абу Обеида, портпарол на бригадите Касам, воено крило на Хамас.
И во Израел и во Газа измешани емоции. Израелците бараат ослободување на сите киднапирани по нападот на 7 октомври 2023 година. По 470 дена раселување, жителите на Газа почнаа да се враќаат дома, но наидоа на целосно уништени населби и непрепознатливи патиштата. Бараат обнова на земјата.
„Бевме шокирани кога ја видовме состојбата на ова место. Мајките се обидуваат да се приспособат, децата се обидуваат да се приспособат“, изјави палестински жител.
Договорот за прекин на огнот во Газа беше постигнат со посредство на САД, Катар и Египет. Во рамки на првата фаза која ќе трае 42 дена, се очекува ослободување на уште 30 израелски заробеници во замена за палестински затвореници.
Маријана Димовска
