Нимиц: Нема напредок во разговорите за прашањето за името

30.07.2014 16:57

На средбата со Венизелос, Нимиц ги пренел впечатоците од средбите во Скопје...

Нема напредок во разговорите за прашањето за името, изјави медијаторот Метју Нимиц по денешната средба со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во Атина.

На средбата со Венизелос, Нимиц ги пренел впечатоците од средбите во Скопје. Шефот на грчката дипломатија го повторил ставот на Грција и побарал од него да продолжи со напорите за изнаоѓање решение. Нимиц не дал нов предлог.

„Како што знаете во минатото презентирав идеи, од кои некои се прифатени од едната страна, некои се прифатени од другата страна. Сметам дека ова е прашање кое сите сакаат да се реши. Со оглед на заедничката желба да се реши прашањето, и тоа што постојат идеи кои можат да бидат основа за решение, мислам дека ова прашање може да се реши“, истакна Нимиц во Атина.

Запрашан кога псоледен пат разговарал со грчкиот премиер Самарас или претседател Папуљас, Нимиц одговорил дека никогаш не разговарал со шефот на грчката држава.

„Тоа е сосема разбирливо, затоа што како што знам, претседателот на Грција не е инволвиран во ова прашање. Со Самарас сум разговарал во минатото. Ги знам неговите ставови, сме разговарале директно, а преку разговорите со министерот за надворешни работи, имам јасна слика за ставот на премиерот“, рече Нимиц.

Нимиц потсетил дека минатиот ноември имал средба на оваа тема со германската канцеларка Ангела Меркел и дека многу држави се заинтересирани за изнаоѓање на решение.

Венизелос на излегување од министерството само кусо рече дека на средбата ги повторил познатите ставови на грчката влада.