Стартуваше првата фаза од договорот меѓу Израел и Хамас
Првата фаза од прекинот на огнот во Газа стартуваше. Израел и Хамас почнаа со спроведување на договореното со посредство на САД, Катар и Египет. Оружјето мирува за првпат по 15 месеци. Палестинците почнаа да се враќаат дома, но затекнаа урнатини...

Небото над Газа тивко за првпат по 15 месеци. Првата фаза од договорот меѓу Израел и Хамас стартуваше со размена на првите три израелски заложнички во замена за палестински заробеници. Низ преминот Рафах минаа стотици камиони со хуманитарна помош за погоденото палестинско население.
„Во овој договор има ризици и има предизвици. Ние сме подготвени и знаеме како да одговориме на сите предизвици, знаеме како да се вратиме и да се бориме, да застанеме во одбрана на сите цели на војната“, изјави Даниел Хагари, портпаролот на армијата на Израел.
„Ја објавуваме нашата посветеност на договорот за прекин на огнот и нашата подготвеност да ги спроведеме неговите одредби и да се придржуваме до неговите услови. Притоа нагласуваме дека сето ова зависи од посветеноста на непријателот“, изјави Абу Обеида – портпарол на бригадите Касам, воено крило на Хамас.
Низ преминот Рафах минаа стотици камиони со хуманитарна помош. Раселените палестинци во шок и неверување се враќаат во разурнатите домови.
„Бевме шокирани кога ја видовме состојбата на ова место. Мајките се обидуваат да се прилагодат, децата се обидуваат да се прилагодат“, изјави палестински жител.
Силни емоции и во Израел. Се надеваат дека сите заложници ќе се вратат кај најблиските.
„Голема гордост, голема радост, заедно со болка и надеж дека ова е почеток и ќе ги вратиме сите назад“, изјави жителка на Израел.
Договорот за прекин на огнот во Газа беше постигнат со посредство на САД, Катар и Египет.
Бојана Крстевски
